Search
Search

Јајцата и оризот со замрзната цена до 30 април

Владата  денеска ја замрзна цената на  јајцата и оризот и го ограничи извозот на јајцата. Највисоките цени на оризот и јајцата ќе останат на нивото од 15-ти овој месец и ќе важат до 30-ти  следниот месец. Со владината одлука најмалку 70 проценти од домашното производство на јајца треба да се пласира на домашниот пазар, а трговците на мало се обврзани да продолжат да ја набавуваат вообичаената количина  што ја набавувале во јануари и февруари годинава.

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција рече дека во изминатиот период е утврден значаен пораст на цените на ориз и јајца, како резултат на движењата во однос на извоз и увоз на овие производи.

-За таа цел, а во пресрет на претстојните празници Велигден и Бајрам, со цел да се спречи евентуален дисбаланс на домашниот пазар и недостаток на јајца од кокошка,  производителите, најмалку 70 проценти од домашното производство на јајца ќе го пласираат на домашниот пазар, а трговците на мало да продолжат да ја набавуваат вообичаената количина на јајца што ја набавувале во јануари и февруари 2023 година, рече Ковачевски на прес-конференција по владината седница.

Овие мерки, укажа, не ги носиме произволно, туку се базирани врз аргументирани факти и анализи, кои се реализирани во изминатиот период.

Ковачевски порача дека ќе продолжат да ги следат случувањата на домашниот и на светските пазари и оти соодветно на тоа ќе реагираат со владините механизми.

Целта, нагласи, е да не дозволиме дисбаланс на домашниот пазар, што би се одразило и врз семејниот буџет на граѓаните.

Замрзнувањето на цената на јајцата и оризот, потсети премиерот, е продолжение на мерките со кои беа замрзнати цените на белиот и полубелиот леб, на дел од тестенините и на дел од млечните производи.  И овие одлуки, како и денешната, посочи, беа донесени врз основа на претходно направени анализи, а се во правец на заштита на интересите на граѓаните и заштита на домашниот пазар од нарушувања во однос на понудата и побарувачката.

Како што нагласи Ковачевски, Владата продолжува со трендот да излезе во пресрет на потребите на граѓаните, со цел полесно справување на последиците од актуелната светска економска и енергетска криза. Ќе делуваат, најави, согласно потребите и интересите на граѓаните.

-Нема да дозволиме личен профит врз грбот на граѓаните. Затоа и ги носиме сите овие мерки, за да олесниме на граѓаните и да го подобриме квалитетот на животот на сите, рече Ковачевски.

Од 16 март се замрзнати цените на тестенините и млечните производи, а од 28 февруари е замрзната и цената на лебот. Тогаш се укинаа и субвенциите за електричната енергија што ги добиваа компаниите од прехранбената индустрија.

АКТУЕЛНО