Јовановиќ: Зошто Унгарија би ѝ дала милијарда евра на Македонија кога и самата е зависна од ЕУ фондовите?

Новата влада мора да се задолжи, за да може да исполни барем дел од ветувањата кои ги даваа во предизборната кампања. Единствен начин да ги реализираат ветувањата за повисоки пензии и останати државни трошења, а паралелно со тоа да ги намалат даноците за големите фирми, е ако се задолжуваат. Тоа му беше јасно на секој што разбира малку економија уште кога ја објавија изборната програма, вели во разговор за „Локално“, професорот и економски аналитичар од Виенскиот институт за меѓународни студии – Бранимир Јовановиќ за економските политики на новата Влада и најавениот кредит од милијарда евра, кој по се изгледа ќе стигне од Унгарија.

Јовановиќ објаснува дека во економијата има една изрека – дека нема бесплатен ручек – и тоа е она што го гледаме сега.

-Проблемот е што манџата која ја готви Мицкоски може да испадне многу солена за македонските граѓани, затоа што тие ќе треба да ги враќаат заемите кои тој сега толку лесно ги зема. Но и тука нема ништо ново кога е ВМРО-ДПМНЕ во прашање, смета аналитичарот, додавајќи дека тие се сѐ уште рекордери во историјата на државата кога е задолжувањето во прашање.

-Тие го дуплираат јавниот долг во претходниот мандат од 25% од БДП на 50%, СДСМ не успеа да ги стигне, колку и да се трудеше. Оваа гарнитура по сѐ што видовме досега нема многу да се разликува од тогашната, почнувајќи од портокаловите вратоврски, преку кадровските решенија, па сѐ до првите мерки, оценува соговорникот.

Конкретно за заемот од милијарда евра, Јовановиќ вели дека само по себе нема ништо спорно во тоа една држава да се позајми од друга. Го посочува примерот кога Србија пред година-две зема таков заем од ОАЕ.

-Ако директното позајмување е по поповолни услови од издавањето еврообврзници, тогаш тоа е сосема ОК. Но проблемот е што ние не знаеме дали ова задолжување е по поволни услови. Не знаеме ништо за него – ни од кого ќе биде, ни по која камата, ни на кој рок, ни кои се другите услови. Освен тоа, шпекулациите кои кружат во јавноста, а кои претставници од власта не ги демантираат, дека задолжувањето ќе биде од Унгарија, отвараат многу дополнителни прашања. Зошто Унгарија би ѝ дала милијарда евра на Македонија, кога и самата е зависна од ЕУ фондовите, и секогаш кога тие доцнат, Унгарија влегува во криза?, се сомнева економскиот аналитичар.

Оттаму Јовановиќ поставува неколку прашања:

-Дали има тука некаков скриен договор, за можна приватизација на некоја државна фирма? Дали е целата работа поврзана некако со поранешниот премиер Груевски, кој се крие во Унгарија? Дали е ова можеби обид за негова амнестија и враќање во државата? Дури и да не одиме толку далеку – дали на Македонија во овој момент, кога има блокирани ЕУ интеграции и постојано трпи критики од разни европски политичари, ѝ треба вакво зближување со Унгарија, која е најпроблематичната и најизолираната членка на ЕУ?, прашува економистот.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во свое прво интервју откако ја презеде функцијата, посочи дека кредитот ќе биде од земја од ЕУ и дека ќе се користи за капитални проекти. Според неа, ќе се добие со камата помала од 3 отсто, а доколку се издаде еврообврзница каматата би била над 5,6 отсто.

-Она што можам сега да го кажам и што сме го повторувале многу пати е дека таа милијарда ќе стигне од земја на ЕУ. Средствата ќе бидат наменети исклучиво за проекти и нема се повлечат одеднаш. Тие средства ќе претставуваaт еден сигурносен бафер во овој момент за да имаме сигурност во однос на тоа да начекаме многу лоша состојба. Но тоа не значи дека нема да се искористи. Напротив првите 250 милиони евра ќе стигнат во еден можен најкус рок, а ќе бидат наменети за приватниот сектор, односно ќе ги пласира Развојната банка преку комерцијалните банки, по исклучиво поволни услови со камати под 3%, наведе министерката за финансии Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека 750 милиони евра ќе останат за поддршка на ликвидноста на Буџетот поврзана со капиталните проекти.

СОпшто е познато дека ВМРО-ДПМНЕ повеќе од 15 години за најверен сојузник во Европа го има токму Орбан и неговата партија Фидес. Уште лани беше соопштено дека партијата на Мицкоски ќе разменува искуства со унгарската партија при изработка на програмата за последните избори.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави