Градоначалничката Данела Арсовска денеска од говорницата во Советот на Град Скопје ја нарече уличарка советничката од СДСМ Љубица Јанчева.
„Ако сте уличарка не мора никој да ве трпи тука“, ѝ рече Арсовска на Јанчева во дискусијата за блокадата на сметката на Град Скопје.
Јанчева во дискусијата бараше Арсовска да даде извештај за финансиската состојба на Градот и праша зошто не дава извод од дневната состојба.
Арсовска во кавгата рече дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се во коалиција против неа и им велеше дека Градот е во одлична финансиска состојба, нема блокирана сметка, но не достави никакви документи за тоа.
Јанчева ѝ реплицираше дека таа постојано лаже, а доказ за тоа е дека не доставува извештај.
„Како тоа само вие сте во право, а сите ние не сме? Кој тоа го кажува, вие самите кога ќе станете наутро пред огледало си кажувате само јас сум во право? Дајте состојба на сметката за салдо 220 и 221 и ќе видиме колку пари имате“, рече Јанчева.
По изјавата на Арсовска, реагираше советничката на ВМРО-ДПМНЕ која рече дека дискусијата не треба се сведува на вакво ниво иако на сите им е јасно дека на градоначачлничката не ѝ одговара оваа дискусија.
„Не е симната под ниво дискусијата, вие сте под секакво ниво, инструирани од вашите лидери“, додаде Арсовска.
Советникот Гордан Шутаров ја праша Арсовска како може Градот да биде блокиран за 2,5 милиони евра ако на сметката имало пари?
„Градот има буџет од 100 милиони евра, а Градот во првата половина на годината нема на сметка 2,5 милиони евра. Па ако се нема волку пари да се повлечат, што кажува тоа за финансиската состојба? Да имало пари немало сметката да биде блокирана. Цела година и половина ништо не ни кажувате на советниците”, рече Шутаров.
Извор СДК