Search
Search

Арсовска ги смрзна скопјани и до еден час чекаат автобус на студот

Веќе четврт месец скопјани имаат проблем со јавниот превоз кој е во тотален хаос бидејќи нема доволно автобуси, а и тие кои сообраќаат низ градот се неисправни.

-Навистина не знам кога Данела ќе разбере дека граѓаните кои се возат во ЈСП не се заморчиња да мрзнат на ова ладно, чекаме по еден час, а не пуштаат ни парно. Гужвите се неподносливи, а не функционира ниту возниот ред, вели скопјанец за ЦИВИЛ Медиа.

Поради долгот што ЈСП го има кон приватните превозници и немањето договор за решавање на проблемот, приватните превозници не возат повеќе од три месеци.

Инаку Арсовска преку јавен повик сакаше да обезбеди 100-тина возачи и 50 приватни автобуси, но и двата обиди пропаднаа бидејќи никој не се јави на огласот.

-Никого ништо не го интересира, се разболевме по автобуските, а кога ќе дојде автобусот е преполн, раката ќе ми ја искршеше возачот пред некој ден, вратата едвај се затвори. ама нив тоа не ги интересира се чувствувам како да живеам во Индија и пред очи ми се сликите со преполните возови од кои висат кутри луѓе кои мораат да стигнат на работа, дома, во училиште, вели друга скопјанка.

Арсовска вчера ги прими на разговори претставниците на новиот совет. После средбата рекоа дека добиле позитивни сигнали од градоначалничката Арсовска за да се вратат на работа и да им се плати долгот. Но, не открија детали како ќе се најде решение и кога автобусите ќе се вратат на улиците на главниот град.

-Верувам дека со приватните автобуски превозници треба да се разговара и за сите проблеми да се најде решение, меѓутоа тоа во ниту еден случај не смее да биде на штета на Градот Скопје, а Градот и скопјани претрпеа сериозна штета од нивните постапки и однесување. Објавивме јавни повици на коешто викавме сите коишто имаат намера и коишто декларативно кажуваат дека и претходно чесно работеле и чесно ја вршеле својата дејност и сега да пристапат кон тоа и да можат да ја работат чесно работата во којашто практично се вложиле себеси или инвестирале за да ја вршат како дејност. Меѓутоа, за жал, никој од нив не се охрабри, не се појави на тој јавен повик, со што сметам дека оваа тема е и затворена, истакна Арсовска.

Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски вчера изјави дека се повлекол од преговорите за да не биде пречка за некаков договор со Арсовска, но очекува исплата на долгот кој го има ЈСП Скопје кон приватните превозници.

Сепак, Јовановски не верува дека ќе се реши проблемот во скоро време.

-Познавајќи ги потребите и барањата на приватните превозници, и да се реши претпоставувам дека нема да биде во тој формат во кој што очекуваат и се надеваат. Сепак, дај боже да не сум во право, нели нормално. Јас сметам дека во позадина се други интереси и игри и кои ќе ги покаже времето. Ако сега гледаме од тоа како почна и се што се изнесе од страна на градоначалничката која што цело време јавноста ја замајуваше со лаги и ништо од нејзините тврдења не испадна точно, претпоставувам дека сето тоа е со некоја цел. Сигурно некој кога лаже не го прави од забава. Се покажа дека тоа што цело време го зборував е точно. Доста мене ме лажеше и медиумите, сега да видиме дали ќе ги излаже и превозниците, изјави Ленин за „Локално“

Во меѓувреме, откако двете здруженија на приватни превозници го тужеа ЈСП за долгот, во четврток треба да почне судското рочиште за тужбата на „Слобода превоз“. Тие бараат еден милион евра од Град Скопје, поточно од ЈСП.

Соња Танеска

Фото: Ангел Ангеловски

АКТУЕЛНО