Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, не планира да си поднесе оставка поради состојбата во Градот и уверена е дека таа е во право, а оние кои се нефункционални се политичките елити во Советот, рече таа во гостувањето на Телма.
На прашање дали е спремна сите заедно (со советниците) да си дадат оставка, таа одговори дека такво нешто од неа нема да видат.
„Апсолутно не, од мене оставка тие нема да видат токму затоа што ја сакаат и ја бараат. Знаете ли зошто? Затоа што јас сум во право, а тие не се. И ако мислите дека јас како поединец ќе издржев 18 месеци притисоци од вакви политички партии и елити кои успеале да се пресметуваат и меѓу себе и со трети страни, а да не сум во право, се лажете“, рече Арсовска вечерва во емисијата „Топ Тема“ на Телма ТВ.
На дополнително прашање, дали ако советниците ѝ дојдат со потпишани оставки и ѝ речат дека ја очекуваат уште нејзината, па сите заедно да си одат, градоначалничката одговори: „Нека им е со среќа, следните советници ќе бидат сигурно поконструктивни и нема да бидат во овој состав во којшто се сега“.
Во телевизиското гостување Арсовска рече и дека е подготвена на компромис, меѓутоа и другите треба да направат чекор.
„Јас сум тука за компромис, меѓутоа чекор треба да покаже и спротивната страна. Јас зборувам веќе 12 месеци за тоа дека граѓаните се желни да видат соработка и конструктивност меѓу засегнатите страни и притоа мислам дека сите овие политички партии во Градот и пошироко во Македонија еднаш во интерес на самите граѓани треба да седнат, да разговараат и да најдат решенија. Кај нас во Советот тоа е гласање за проектите кои граѓаните ги бараат, а не нивно саботирање и тука треба да ја покажат таа конструктивност. Ние не треба да бидеме ниту пријатели ниту некои кои ќе пијат кафе заедно, треба да работиме да се реализираат проектите во интерес на скопјани“, рече Арсовска.