Search
Search
Фото/ Wikimedia commons

Австрискиот претседател со порака до пратениците: Останете на патот кон Европската Унија

Австрискиот претседател Александер ван дер Белен денеска во Собранието им порача на пратениците дека од нив зависи кога ќе ги почнеме следните чекори во преговори со ЕУ и колку брзо ќе ги поминеме. Австрија, додаде тој, ќе ви биде близок сојузник.

– За Австрија и за мене е голема чест што можам да ви се обратам во Парламентот. Ова го сметам како знак на почит на извонредните односи меѓу Северна Македонија и Австрија, истакна во своето обраќање пред пратениците Ван дер Белен, кој во придружба на сопругата Дорис Шмидауер престојува во официјална посета на земјава.

Тој посочи дека двете земји негуваат тесни политички контакти и ги истакна добрите односи на Собранието со австрискиот Парламент. – Денешното потпишување на договорот на двајцата министри за правда ќе ја интензивира соработката, рече Ван дер Белен.

Австрискиот претседател им порача на пратениците дека треба да останат на патот кон Европската Унија и дека не верува оти ќе се повторат разговорите од јули минатата година пред да ги почнеме преговорите.

Тој потенцира дека Австрија се залагаше преговорите на Северна Македонија и Албанија конечно да почнат, а многу иницијативи на ЕУ да бидат достапни за двете земји пред формалното членство во Унијата.

Австрија и Северна Македонија, посочи тој, имаат добри стопански односи, но тие мора да бидат уште подобри.

– Се радувам што ме придружуваат претставници на 25 претпријатија од повеќе области, услуги, зелена енергија, земјоделие… тоа го покажува големиот интерес за вашата земја. Онаму каде што ќе ние ќе дојдеме, таму и остануваме, рече Ван дер Белен.

Говорот на Ван дер Белен во Собранието го проследија претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министри, членови на дипломатскиот кор во земјава, како и претставници на верските заедници и на правосудството.

Претодно на церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски го пречека неговиот австриски колега Александер Ван дер Белен.

– Немојте да ја изгубите целта од вид, да работиме заедно, за скорешен прием на Северна Македонија во ЕУ. Австрија останува ваш сигурен партнер, изјави претходно денеска австрискиот претседател на заедничка прес-конференција со Пендаровски. 

АКТУЕЛНО