Бездомништвото е длабок напад врз достоинството, социјалната исклученост и правото на живот. Тоа е (prima facie) на прв поглед повреда на правото на домување и крши голем број човекови права. Луѓето кои се соочуваат со бездомништво, дури и кога се сместени во Центрите, имаат потреба од храна, работа, здравствена заштита и поддршка за менталното здравје и траумите кои ги доживеале.
Последен пат кога беше направено глобално истражување – од страна на Обединетите нации во 2005 година – се проценува дека над 100 милиони луѓе биле бездомници ширум светот. Дури 1,6 милијарди луѓе немаат соодветно домување (Хабитат, 2015). Во 2021 година, Светскиот економски форум објави дека без свој дома има 150 милиони луѓе ширум светот.
Од ова појава не е исклучена ниту Северна Македонија, каде засолниште дават Црвениот крст и институции во рамките на Министерството за труд и социјални работи.
Во Пунктот за бездомници во Момин Поток се згрижени 15 бездомници, а 30 во Прифатниот центарот во Чичино село
ЦИВИЛ Медиа со прашања се обрати до Црвениот крст на Град Скопје, во рамките на кој постои Пунктот за бездомници во Момин Поток. Тие истакнаа дека од 31 декември 2022 година кога е отворено привременото прифатилиште за прием на бездомни лица, до овој момент вкупно 15 бездомници ги имат користено сервисните услуги кои се даваат во ова прифатилиште додека трае студениот период.
„Бројката на бездомни лица варира од година во година, но секако неизбежно е појавување на нови бездомници за студениот период, лица кои дотогаш никогаш не побарале помош и поддршка од Пунктот за бездомници“, велат од Црвенит крст.
Заради екстремно ниските температури кои го зафатија градот Скопје, привременото прифатилиште при Црвен крст функционира со патролни дежурства од 24/7, со цел давање на квалитетни услуги на оваа целна група и пред се спасување на бездомниците да во овие ниски температури не западнат во состојба на хипотермија.
Од Пунктот за бездомници во скопски Момин Поток велат дека до сега од кога е отворен пунктот веќе 15 години наназад, немале случај со смртен исход во стационарниот дел за време на зимскиот период. Тие истакнуват дека истражувањето кое е спроведено од страна на нивниот стручен тим кој посветено работи во пунктот за бездомници, покажува дека за едно лице да стане бездомник се следниве причини: Адиктивната природа на бездомниците кон алкохол, наркотични супстанци, хазардни игри, психијатриските болести, сиромаштијата и социјалната ислученост, невработеноста и имотно-правни нерешени прашања.
Како најзастапена група е машката популација. Не се исклучени и жените бездомнички, но нивната бројка е многу помала во сооднос со мажите бездомници, каде процентуално соодносот е 80:20, велат од Пунктот за бездомници.
Најчесто бездомниците се индивидуалци, на просечна возраст од 55 години, кои се со слаби неразвиени семејни релации, а во најголем случај и воопшто тие релации ги немаат. Поретко се застапени бездомничките семејства кои ги користат услугите во пунктот за бездомници.
Вакви бездомнички семејства во сите изминати 15 години од кога е отворен пунктот се вкупно 7 на број кои се многудетни. Во однос на самохраните родители статистиката од пунктот покажува дека многу ретко се појавува ваква категорија на лица кои ги користат услугите во пунктот.
Од друга страна Прифатниот центарот за бездомни лица во Чичино село за ЦИВИЛ Медиа изјавија дека тие располагат со згрижувачки капацитет до 30 лица, но бројката варира во зависнот од годишните времиња каде е околу 30 лица. Во Центарот има отворено транзитна соба за бездомни лица исклучиво за зимниот период на минусни температури.
И општеството и државата имаат одговорност
Универзитетскиот професор по социологија Али Пајазити за ЦИВИЛ Медиа нагласи дека бездомништвото е предизвикано од нееднаквостите, експлоатацијата, недостатокот на ресурси за живеење. Тој понатаму нагласува дека за да се намали оваа појава одговорност имаат општеството и државата, првата морална, втората правна.
„Општеството треба да се обиде да ги подигне овие лица преку идејна поддршка, мотивација за да се спасат од оваа ситуација. Државата мора да ја игра својата улога како социјална држава, мора да се грижи за секој поединец, за секој граѓанин кој од различни причини се соочува со проблеми на опстанок и благосостојба. Мора да им понуди можности за вработување, да има колективни станбени куќи, центри за нега и домување, во екстремни случаи, да обезбеди станбени единици“.
Во што можат социолозите да помогнат?
Пајазити во изјавата за ЦИВИЛ Медиа истакна дека социолозите можат да помогнат со своите предавања кои треба да ги афирмираат општествените вредности, посветеноста и работата, важноста на семејството, солидарноста, со критика упатена кон државата која не ја игра својата улога како одраз на колективна совеста, како надреден субјект кој има неизбежни обврски кон своите граѓани.
„Државата мора да направи се за да ги мотивира, енергизира оние кои можат и имаат афинитет и капацитет за професии (за да не стане социјалната помош начин на живот) и да ги субвенционира само оние кои не се способни да преживеат“.