Search
Search

„Бин Бин“ тротинетите ќе ги видиме и во другите градови, вели Дурак за Градска

Искршени, украдени и уништени тротинети ги преплавија социјалните мрежи, каде со право се поставуваше прашањето дали недостига колективна свест за новитетот од позајмувањето електрични тротинети.

Електричните тротинети на скопските улици, кои граѓаните досега од која било причина не можеа да користат вакво превозно средство, сега ги имаат на секој агол.

Градска.мк  разговараше со менаџерот на компанијата „Бин Бин“, Висар Дурак кој вели дека некои од овие работи ги предвиделе, но не дека се само во нашиот град, туку се случиле и во други градови и земји.

„Апелот беше дека нашето население нема потреба да падне на овие општествени девијации и верувам дека во наредниот период сето тоа ќе се елиминира. Како што почнавме, граѓаните беа кооперативни и не информираа за секоја неправилност и секое намерно или ненамерно уништување на тротинетите“, нагласи Дурак.

Полицијата е информирана за сите намерни вандалски дејствија

„Од првиот ден ги подготвивме сите извештаи, сите фотографии, сите видеа кои може да се земат предвид и ги доставивме во полиција. Сега, во најкус можен рок, верувам дека полицијата ќе даде детали за сите кражби или вандалски дејствија што се случија изминатиот период, рече Дурак, додавајќи дека досега се украдени три, а над 17 други се вандализирани и уништени.

Тој понатаму за Градска.мк раскажува дека тротинетите не се осигурани, но биле свесни дека може да дојде до оштетување на истите, намерно или ненамерно.

„Целата компанија е опремена и е на сервис на граѓаните 24 часа. Го имаме одделот за надзор, го имаме одделот што ги менува батериите, и одделот што проверува 24 часа каде се тротинетите.

Следниот период ќе има едукативна кампања за електрични тротинети

„Следниот период ќе биде едукација и за безбедно користење на тротинетите. Што значи тоа? Секој жител или секој корисник, кој го користи тротинетот, го паркира на местата што се предвидени или за да не ги попречува патниците или другите жители. Сигурно сте виделе дека велосипедите се врзуваат откако ќе се искористат, но на тротинетите не им треба такво нешто бидејќи кога ќе помине времето на користење го остава и зема некој друг кој треба да заврши некоја работа или било што. Екипите кои се во трета смена ги собираат овие тротинетите кои се по населби или каде и да се и ги поставуваат на местата каде што има поголема фреквенција“, рече меѓу другото Дурак.

Преземањето на апликацијата е бесплатно

Тој понатаму рече дека апликацијата за преземање е бесплатна. Но во моментот кога се регистрирате со вашите податоци и кредитна картичка, тогаш таа регистрација чини 10 денари, но тие 10 денари ги имате во користењето на тротинетот.

„Тоа ви дава некаква можност да го испробате тротинетот и нормално има различни пакети кои веќе се таму во вашиот паричник „Wallet“. Поточно, ако купиш пакет од 500 денари, добиваш 100 денари гратис и минутата ќе биде некаде околу 7,2 денари поради тие 100 денари што ти ги даваат бесплатно. Секогаш кога ќе ги потрошите и искористите вашите минути, вашите пари автоматски се одземаат од паричникот „Wallet“.

Не е точно дека апликацијата ви зема пари откако тротинетот е запрен!

„Оние граѓани кои изразија загриженост дека апликацијата наводно им земала многу пари не е точно бидејќи во моментот кога ќе го запрете тротинетот и ќе престанете да возите, системот автоматски препознава дека вашиот тротинет застанал и не се движи“, нагласи Дурак, додавајќи дека доколку некој имал такво искуство, по некое време системот ги враќа парите на сметката.

„Оние граѓани што пишувале за наводно 12 илјади или 14 илјади денари не е ниту возможно, ниту логично затоа што за да го возите тротинетот за 14 илјади денари ви требаат 100 часа за да го возите тротинетот, а тоа е нелогично. Самиот систем не ви дозволува да правите долги патувања, бидејќи не е суштината тротинетот да го користите на долги релации, туку да го користите за кратки растојанија“, нагласи Дурак.

Тој рече дека веднаш стапиле во контакт со тоа лице, погрешно протолкувано од медиумите, каде само едната страна беше земена во предвид, додека по контактирањето со лицето тој самиот дал демант.

„Имаше таква загриженост. Самата апликација го препознава моментот кога застанувате и апликацијата има копче „Help“ каде ни кажувате што е вашата грижа. Работи на сите јазици што ги знаете и на тој јазик забележувате дека сте го запреле тротинетот и ако продолжат минутите и по некое време, самиот систем го запира и парите се рефундират на вашата сметка. Ова беа дел од случаите кои беа елиминирани, а останатите граѓани, околу 95 отсто кои ги користат електричните тротинети, досега се задоволни и во системот гледаме дека ги користат правилно“.

Имаме и електрични велосипеди и мотори… Ќе се прошириме и во други градови

„Во моментов има 500 тротинети, доколку проектот и плановите продолжуваат со оваа динамика, нашата компанија има и електрични велосипеди и електромотори кои се очекува да бидат лансирани, а откако ќе го надминеме овој прв предизвик, оваа иновација што жителите на Скопје го имаат ќе почнеме со други иновации и нормално ќе се прошириме во други градови врз основа на потребите и барањата на граѓаните”, рече Дурак за Градкса.мк

„Дали мислите дека цената од 9 денари е прифатлива за граѓаните?

„9 денари е цената што ви се покажува во апликацијата, но ви кажав дека ако добиете пакет од 500 денари, добивате 100 денари бесплатно, што значи дека минутата ве чини 7,2 денари, што верувам дека е прифатливо“.

Во споредба со другите земји во регионот?

Се споредуваме со Босна, каде во Бања Лука цената е 8 денари за минута, со оглед дека таму градот е помал и има помалку жители.

Н. А.

 

АКТУЕЛНО