Search
Search

Бислимоски: Се прават последните анализи дали и во колкав обем ќе има проширување на евтината дневна тарифа на струјата

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски како позитивно го оценува намалувањето на маржата за пренос на електрична енергија, но вели дека цената што ќе ја плаќаат домаќинствата од 1 јули годинава зависи и од цената по која универзалниот снабдувач ќе ги задоволи потребите за електрична енергија на регулираниот пазар, но и од бројот на малите потрошувачи кои од регулиран се префрлиле на слободен пазар. Посочува дека РКЕ ги прави последните анализи дали и во колкав обем ќе има проширување на евтината тарифа во текот на денот за домаќинствата.

-РКЕ нема да добие барање за цената на електричната енергија бидејќи, само ќе ја потврдиме цената која ќе ја утврди универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Универзалниот снабдувач во текот на неделава ќе го распише тендерот за да обезбеди електрична енергија за следните шест месеци. Треба да видиме кои цени ќе се понудат, а сигурно е дека маржата нема повеќе да биде 11,5 проценти, туку ќе биде 9,9 проценти. Треба да видиме и во колкав обем ЕСМ ќе ги обезбеди количините кои се потребни за домаќинствата и малите потрошувачи. Тоа се најбитните елементи за цената која ќе ја плаќаат домаќинствата по 1 јули годинава, изјави Бислимоски на паузата на четвртиот Социо-еколошки форум (СЕФ) во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ на кој има стручна дебата и дискусија за енергетските политики на земјите од Западен Балкан и Европската Унија.

Истакна дека во моментов е некоректно во сметките што ги плаќаат граѓаните да го има процентот за субвенција.

-Би било некоректно на граѓаните да им се кажува дека има субвенција кога цената на ЕСМ е 57 евра за мегават час, а има денови кога цените на пазарот се 20 и 30 евра за мегават час. Едноставно случувањата на пазарот се такви што во најголем дел во изминативе два до три месеци цената е од 60 до 70 евра мегават час. Затоа во овој период нема потреба да се објавуваат субвенциите, бидејќи тука негде е пазарната цена, рече Бислимоски.

Посочи дека има серозен тренд на префрлање на малите потрошувачи од регулиран на слободен пазар на електрична енергија и додаде дека на годишно ниво ќе има помеѓу 150 и 200 милиони киловат часови помала потрошувачка на регулираниот пазар.

-Трошоците на малите потрошувачи кои се префрлаат на слободниот пазар се намалени за 20 до 30 проценти и во најголем дел снабдувачите им нудат фиксна цена која е пониска од таа што е на регулираниот пазар. Тоа е добар процес кој така треба и да продолжи, порача претседателот на РКЕ.

Бислимоски, кој се обрати на првиот панел на СЕФ насловен „Како да се обезбеди социјално праведна енергетска трансформација во ера на растечка сиромаштија и нееднаквости?“ посочи дека во моментов РКЕ ги прави анализите дали и за колку може да се продолжи периодот на евтина дневна тарифа на струјата.

-Во изминатиов период компаниите во текот на денот имаат ниски цени на електрична енергија и тоа што го имаат тие мора да го имаат и домаќинствата. Со воведувањето на евтината дневна тарифа од 13:00 до 15:00 часот веќе го направивме првиот чекор, но трендовите на берзата покажуваат дека во овој период има исклучително ниски цени на струјата и правиме сериозна анализа за наредните две – три години за цени на електричната енергија за секој час на повеќе берзи и кога ќе бидеме готови ќе кажеме кога и во колкав обем ќе имаме зголемување на евтината тарифа во текот на денот, рече Бислимоски.

Нагласи дека придобивките од изградбата на фотоволтаичните централи веќе допреа до компаниите и во текот на денот имаат исклучително поволни цени на струја, а тоа сега треба да се префрли и кај домаќинствата.

-Испраќаме сигнал до ЕВН Хоум и до ЕСМ поголемиот дел од набавките да ги прават во текот на денот кога цените се исклучително ниски. Тоа пред се ќе биде добро за ЕСМ, бидејќи во тие периоди ќе нема потреба да се трошат ресурсите од вода која ќе може да се чува за период кога електричната енергија може да се продава по повисока цена или за зимата, посочи Бислимоски.

АКТУЕЛНО