Search
Search

Болниците се жалат дека немаат сестри, а за еден оглас ги има 29 пријавени

Најголем јаз меѓу понудата и побарувачката е забележан кај професорите, каде што за едно слободно работно место за професор има 71 невработено лице, покажува истражувањето на Институтот „Фајненс тинк“

Истражувањето што го направи Институтот за економски политики и развој „Фајненс тинк“ покажува огромни јазови во однос на понудата и побарувачката на работна сила. Но, податоците колку работници се јавуваат во просек на еден оглас, покажуваат и големи апсурди. На пример, и покрај тоа што постојано во јавноста се зборува за недостиг на медицински кадар, како и покрај загриженоста за одливот на медицинскиот кадар во странство, податоците покажале дека за едно работно место има по 29 невработени медицински сестри, лаборанти и фармацевтски техничари и по 8 лекари и дипломирани фармацевти.

Најголем јаз меѓу понудата и побарувачката е забележан кај професорите, каде што за едно слободно работно место за професор има 71 невработено лице. За едно работно место за правници, оние со општествено занимање или за стручњаци од областа на културата, на располагање се 53 невработени. Има повеќе невработени отколку што е побарувачката и за техничарите – електро, градежни и машински – ги има 20 за едно работно место. Вишок, ако се споредат податоците за невработените од Агенцијата за вработување и огласите за работни места, има и кај инженерите, кои се 5 пати побројни од огласените позиции.

Учените луѓе кај нас се суфицитарни

Укажувајќи на ваквата состојба, од „Фајнес тинк“ велат дека „најголем број од занимањата со високи вештини се суфицитарни“. Исклучок се ИТ-специјалисти , но и бизнис и административни стручни соработници. Направената анализа покажала дека за секое работно место за информатички техничари недостигаат 24 работници, ИТ-стручњаци, пак, како што се програмери, тестирачи, развивачи и аналитичари на софтвер – недостигаат по четворица за секое работно место. Во однос на бизнис и административни соработници има кусок од тројца за работно место.

 

Благица Петрески, извршен директор и главен економист во „Фајненс тинк“ објаснува дека „потребно е да се испорача јасна намера и доколку е потребно и драстично намалување на квотите во одредени занимања каде што јазовите се изразени, доколку сакаме во доследно време овие суфицитарни јазови да ги намалиме“.

– Во голема мера, изразените суфицитарни јазови кога имаме драстично поголема понуда од побарувачка се должат на неприспособени образовни програми. Па, така, знаејќи дека имаме драстични вишоци во одредени занимања, ние и понатаму масовно продуцираме кадри за кои пазарот е презаситен (на пример, занимањата во општествени и културни занимања, образовни занимања и слични) и погрешно ја насочуваме и едуцираме работната сила, која троши и време и ресурси за едукација, а и државата троши ресурси за кадри кои нема да може да бидат лесно вработливи и веројатно ќе бидат и разочарани поради фактот што нема да најдат работа по својата струка – изјави Петрески за „Слободен печат“.

Таа објаснува дека има недостиг кај стручните образованија, наспроти гимназиското образование и го поздравува дуалното образование и напорите што се прават во последниве години за промоција на стручното средно образование.

– Освен насочувањето на младите кадри и приспособувањето на образовните програми според потребните занимања, потребно е значајно прилагодување и на квалитетот на наставата и вештините што ќе бидат вградени со цел да кореспондираат со побарувачката – вели Петрески.

Како со 120.000 невработени имаме недостиг на работници?

Петрески смета дека е неопходна доквалификација и на самите невработени работници, затоа што невработените со основно образование без квалификација, заедно со оние со гимназија сочинуваат 70 отсто од вкупниот број невработени лица.

– Тоа ни укажува дека ние имаме невработени лица кои доколку не направиме структурен напор, ни се неупотребливи. И така доаѓаме до состојбата, од една страна, да имаме 120 илјади невработени лица, а од друга страна бизнис-секторот постојано да апелира на недостиг од работна сила. Земајќи предвид дека имаме дефицит на општи работници, минимум што може да направиме е да ги доквалификуваме овие лица до општи работници во различни занимања, преку програми за верификација на вештини, програми за дообука на работно место во соработка со компаниите и слично – вели Петрески.

Извор: Слободен печат

АКТУЕЛНО