Search
Search

Бугарска фондација купи дел од куќата на писателот Димитар Талев во Прилеп

Идејата на издавачот Манол Пејков е куќата да се спаси од целосно уривање и да се трансформира во споменик на бугарската култура. Бугарската фондација на издавачот Манол Пејков од политичката коалиција „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“ купила 2/3 од куќата на писателот Димитар Талев во Прилеп. Распаднатата куќа на Талев, кој после 1948 година стана еден од најценетите бугарски писатели, е една од поважните теми во бугарската јавност во последно време. Идеја е таа да се спаси од целосно уривање и да се трансформира во споменик на бугарската култура.

 

Димитар Талев е роден во 1898 во Прилеп. Учел во бугарското средно училиште во Соплун, студирал медицина и филозофија во Загреб и Виена и словенска филологија во Софија. Меѓу двете светски војни бил поврзан со крилото на Ванчо Михајлов во ВМРО и пропагирал дека Македонија треба да биде во рамките на Бугарија. Окупацијата на Вардарска Македонија во 1941 година од војските на фашистичка Бугарија Талев ја сметал за успешен крај на македонската борба.

Во повоените години бил затворен од македонските власти под обвинение дека ширел великобугарски шовинизам. Излезе од затвор во 1948 година и во времето на Резолуцијата на Информбирото замина во Софија, каде живееше и пишуваше  до својата смрт во 1966 година. Три пати е наградуван од владата на Тодор Живков за неговиот придонес на бугарската литература.

Бугарските власти уште во јуни 2023 година донесоа одлука за стекнување на имотот но досега не презедоа конкретни дејствија иако објектот со години е руиниран и пропаѓа.

Пред некој ден бугарската влада го задолжи министерот за култура Најден Тодоров што поскоро да ја истражи можноста и ја започна постапката за купување на родната куќа на Талев во Прилеп.

Бугарскиот технички премиер Димитар Главчев смета дека ова прашање не треба повеќе да се одложува и повика на итно преземање на сѐ што е неопходно за да се спаси куќата.

„Од денеска две третини од родната куќа на Димитар Талев во Прилеп (делот за кој се обврзав лично пред година, два месеци и два дена) се бугарска сопственост. Поточно, тие се во сопственост на фондацијата ‘Манол Пејков и пријателите’ регистрирана за јавен интерес“, напиша Пејков во саботата на Фејсбук.

Издавачот наведува дека успеал да ја затвори зделката за три дена, а започнуваат итни поправки на покривот на куќата.

„Износот за стекнување на куќата е 82.500 евра (од кои 2.500 се за плаќање на локалната такса). Кон ова треба да се додадат и адвокатските трошоци (според потврдата) за 1.050 евра, со други зборови – вкупно 83.550 евра“.

Тој нагласува дека расположливите средства засега се доволни, но „долгорочно ќе биде потребно многу повеќе за поправка и (евентуално) купување на преостанатиот дел“.

Сопственичката на овие 2/3 од куќата Снежана Аческа во 2023 година побара 100.000 евра. Третината е на друг сопственик, кој категорично одбива да го продаде својот дел на бугарската држава.

Аческа, уште минатата година побара од бугарската држава да се откупи нејзиниот дел за да се спаси куќата. Таа тврдеше дека и наследниците на Талев биле избркани од Прилеп и од Македонија и доживеале слична судбина како и писателот во повоените години.

АКТУЕЛНО