Search
Search
Градска редакција

Чаршијата и ориенталните слатки на 120 годишната слаткарница „Охрид“

Магичниот лавиринт на улички на Старата скопска чаршија ги буди чувствата како времето да застанало, а секој чекор  е врската со историјата и наследството на градот. Завитканите улички, цврстите камени ѕидови и шарените бутици создаваат уникатна атмосфера.

Ова е местото каде што се преплетуваат културата, гастрономијата во една волшебна симфонија. Тука се преплетуваат вековните култури и мирисите на домашни специјалитети. Шетањето низ неа е како патување низ времето и допир до автентичноста на Скопје.

„Охрид“ веќе 120 години ги опслужува граѓаните и туристите  

Во сето ова преплетување на културата и историјата во срцето на Чаршијата се наоѓа најстарата слаткарница во Скопје и пошироко. Тоа е 120-годишната слаткарница „Охрид“ каде со својата автентичност и шарм продолжува да му пркоси на времето.

Слаткарницата „Охрид“ во Старата скопска чаршија, веќе 120 години е вториот дом за повеќе генерации на семејството Бајмак.

Сеќавањата и искуствата на генерации се собират во слаткарницата „Охрид”, каде што времето стои во место, вели за Градска.мк најмладиот член од семејството Бајмак, Санел.

-Јас сум 4-та генерација на еден од сопствениците на слаткарницата „Охрид“. Мојот прадедо Хамди уште во далечната 1903 година ја започна работата со оваа слаткарница, која на почетокот беше само бизнис, а сега е претворен во страст и традиција, вели  Бајмак.

Тој додава дека ова место ги враќа луѓето во своето детство и од првите вкусови на сладолед до прекрасното парче торта, „Охрид” е местото каде што сите можат да ја уживаат љубовта кон слаткото.

-Слаткарницата „Охрид” не само што ја чува традицијата, туку и се приспособува на модерните вкусови и трендови. Внимателно креирани иновации и непрекинато експериментирање со нови вкусови ги изненадуваат и задоволуваат посетителите. Секој грижливо изработен десерт во „Охрид” претставува хармонија помеѓу класичното и современото, креирајќи вистинска слаткарска симфонија“, појаснува Бајмак.

Градска редакција

Најстарите рецепти се ашуре, кајмакчин…

Градска редакција

„Имаме рецепти што ги произведуваме, дури и стари ориентални како што се традиционалниот кајмакчин, ашурето, сутлијашот направен од топло млеко, ориз и со цимет, тулумби, кадаифот. Имаме и специјалитет кој се прави само овде и во Турција наречен „дното од казанот“ или на турски „Казандипе“, кој се прави со мелен ориз, млеко и шеќер. Овој специјалитет е многу популарен во нашиот локал. Имало рецепти како муаливи, туфахии и многу други кои времето ги однесе со себе, па веќе не ги произведуваме, раскажува сопственикот.

Според него, порано слатките повеќе се служеле со шербет без чоколадо и други нешта што се користат сега, но биле повкусни.

-Имаме и модерни специјалитети на кои слаткарницата „Охрид“ им се прилагоди на времето, вели Санел.

Го прашавме од каде потекува името „Охрид„ во сред Скопје….

„Не сме по потекло од Охрид. Не ги знам точните информации од каде потекнува името. Но можам да кажам дека прадедо ми можеби бил во Охрид, и секако бил таму, и толку му се допаѓал Охрид и затоа ја именувал својата  слаткарница „Охрид“, рече меѓу другото младиот Санел.

Градкса редакција

Чесноста е клучот на успехот на 120 годишната слаткарница

Санел Бајмак за Градска.мк вели дека прадедо му оставил аманет што и да се случи да не ја затвораат слаткарницата.

„Како што доаѓаат генерации, да продолжиме, да не ја затвораме, да работиме чесно“, раскажува Санел.

„Да имаме семејна атмосфера меѓу вработените, да бидеме насмеани и горди што не само што работиме туку и дека сме дел од една традиција. Мислам дека со неколку зборови ова сакал прадедо ми да им го пренесе на генерациите кои доаѓаат по него. Нашиот однос со вработените, кои ги имаме, не е однос сопственик-вработен. Татко ми ми вели дека во текот на неговите 30 години работа во овој локал ги имале истите муштерии. Некогаш нивните татковци ја посетуваа, а сега нивните синови и нивните семејства продолжија да доаѓаат во оваа слаткарница“,

Тој, меѓу другото, рече дека во текот на летото има повеќе работа поради доаѓањето на туристи, но како и секаде, така и слаткарницата „Охрид“ се соочува со дефицит на работна сила поради миграцијата.

„Економијата е слаба, а луѓето си заминуваат, барем така ни велат“, рече Санел Бајмак.

Н. А. 

АКТУЕЛНО