Search
Search

Човечкиот фактор клучен за сообраќајните несреќи – оддржана Конференцијата за безбедност во сообраќајот

Човечкиот фактор е клучен за немање жртви во сообраќајни несреќи. Убедливо најголема причина за сообраќајните несреќи е брзото возење, над 60 проценти додека квалитетот на патната мрежа влијае со еден процент врз сообраќајните несреќи.

Ова го порачаа учесниците на третата Меѓународна конференција за безбедност во сообраќајот на патиштата во организација на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) на која присуствуваат стручни лица од областа на сообраќајот од земјава, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Република Српска и Бугарија.

Како што истакна претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска, целта на конференцијата е да се зголеми безбедноста во сообраќајот на национално и меѓународно ниво.

-Ќе има различни водови на презентации кои ќе родат со плод за зголемување на безбедноста во сообраќајот и зголемување на сообраќајната култура. На ниво на Балканот сме некаде на просечно ниво во однос на безбедноста во сообраќајот. Константно работиме за да се намали бројот на сообраќајни незгоди и бројот на загинати лица и сме дел од проектот до 2030 година да нема ни едно дете кое ќе загине во сообраќајна несреќа, рече Кожуваровска.

За сообраќајната култура кај нас рече дека е на завидно ниво, а за безбедноста во сообраќајот истакна дека секогаш може да биде на подобро ниво. Посочи дека преку различни кампањи РСБСП постојано работи на нивно зајакнување, особено кај најмладите.

Според портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, ако сите ги почитуваме правилата нема да имаме сообраќајни несреќи. Статистиката, посочи Ангеловски, покажува дека, иако имаме тренд на намалување во изминатите три години има околу 120 жртви во сообраќајни несреќи, нагласувајќи дека според сите анализи убедливо најголема причина за сообраќајните несреќи е брзото возење, над 60 проценти.

-Просечно имаме околу 250 илјади казни годишно, значи тоа покажува колку интензивно работи МВР, но и колку интензивно не се почитуваат правилата. Ние продолжуваме да работиме и превентивно, да влијаеме на свеста на граѓаните, но и репресивно, затоа што за жал кај некои од граѓаните нашите пораки не доаѓаат, изјави Ангеловски.

Нагласи дека факторот човек е клучен за да нема сообраќајни незгоди и додаде дека доколку сите ги почитуваат правилата нема да дојде до незгоди.

Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски истакна дека најмалку загинати во сообраќајни несреќи 22 на еден милион жители годишно има Шведска, околу 30 имаат другите балтички земји и Швајцарија, во Централна Европа просекот е околу 45, а просекот во Западен Балкан е околу 70, додека кај нас е 65, но далеку најмногу има Романија со 86.

-Во просек Македонија е некаде кон дното, но далеку од самото дно. Целиот регион на Западен Балкан има околу 70 загинати на еден милион жители. Најбезбедна држава на Балканот е Косово која има 55, а кај нас се движи околу 65. Европскиот просек е 40 загинати на еден милион жители годишно. Причините за тоа се најразлични, а најголемо влијание има човекот како фактор. Во 95 од 100 ситуации директната одговорност за сообраќајните несреќи е на возачот, еден процент се состојбата на патот, а останатите 3 до 4 проценти се состојбата на возилото и условите на патот – ден, ноќ, лизгав коловоз,  рече Дујовски.

Во просек во земјава, како што рече, од две до четири дечиња годишно го губат животот во сообраќајни несреќи. Нагласи дека до 2030 година мора да се завршат автопатите, но и да се подобрат состојбите на сите патиштата каде има црни точки.

-Нам ни недостига јавен превоз. Да имаме јавен превоз ќе се намали интензитетот на сообраќај на главните делници. Треба да се тргне доминантно сообраќајот од коловозната мрежа и да се оди на јавен превоз дали автобуски или железнички превоз, порача Дујовски.

Мирко Куковиќ од Србија оцени дека во последните години значајно се подобрува делот од Коридорот 10 во земјава и додаде дека заедно со РСБСП работат на подигање на свеста кај возачите од Србија кои одат на одмор во Грција да прават паузи на секои два часа возење во траење од 15 минути, бидејќи заморот е еден од клучните причини за сообраќајни несреќи. Тоа, како што кажа, роди со плод и лани немаше ни еден загинат српски турист на македонските патишта.

Синан Алиспахиќ од Хрватска, пак, посочи дека спроведуваат програми за едукација за возачите од 65 + кои се најризичната група, но и за најмладите, односно децата во предучилишна возраст.

-Децата се темел на создавањето на навики и на сообраќајна култура. Токму затоа даваме најголем приоритет на нивното сообраќајно образование, рече Алиспахиќ.

Порача дека треба да се трудиме да ја спроведеме „Визијата 0“ која предвидува до 2050 година да нема жртви во сообраќајот.

АКТУЕЛНО