Веќе трет ден се одржува судскиот процес против четворицата поранешни лидери на ОВК во Специјалниот суд во Хаг, Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими.
Вршителот на должноста специјален обвинител на случајот, Алекс Вајтинг, во читањето на обвиненијата против четворицата обвинети, рече дека биле убиени повеќе од 100 луѓе.
Обвиненијата што ги прочита обвинителството, се поврзани со воени злосторства, злосторства против човештвото, поточно обвинувања за незаконски апсења, тортура, убиства, исчезнување на лица.
„Никој не е над законот“, рече Вајтинг.
Обвинителството истакна дека не се работи за судски процес против Ослободителната војска на Косово и нејзините активности, и инсистира на тоа дека станува збор за судски процес против четири лица, кои дури и во време на војна отишле над законот, злоупотребувајќи и доведувајќи до овие кривични дела. Во соопштението на обвинителството беше нагласено дека има документи и сведоци кои се раширени географски, од север кон југ, од исток кон запад и во делови од северна Албанија.
Поранешните високи лидери на ОВК по читањето на обвинението повторно се изјаснија за невини. Поранешниот претседател на Косово Хашим Тачи ги отфрли обвинувањата. Тој пред Специјалниот суд во Хаг рече „дека е невин“. А Кадри Весели рече дека е разочаран од неправедното судење кое трае повеќе од две години, додека Јакуп Красниќи нагласи и неколку пати повтори дека нема никаква врска со ниту едно од наведените обвиненија.
Кабаши: Обвинувањата на ОВК преку доктрината „Заедничко криминално здружување“
ЦИВИЛ Медиа разговараше со косовскиот интелектуалец и политички коментатор Беким Кабаши за последните случувања за судењето на поранешните водачи на ОВК, кој рече дека обвинението поднесено во април 2020 година е обид да се препише историјата на борбата на народот на Косово за слобода и историјата на државата Косова.
„Точката 35 од обвинението ги прикажува како членови на „Заедничкото криминално здружување“ речиси сите политички и воени лидери на ОВК – од Генералштабот, команданти и заменици команданти на области, бригадни, единици, се до обични војници и други кои дејствувале во име на ОВК. Обвинението на ОВК се смета за обид да се препише историјата на борбата на народот на Косово за слобода и историјата на државата Косово“, рече Кабаши.
Отстапување од првичната идеја
Специјалниот суд отстапи од првичната идеја за неговото формирање, која потекнува од Извештајот на швајцарскиот сенатор Дик Марти – кој тој го објави во 2010 година и ги обвини припадниците на ОВК за трговија со органи. Повеќегодишните истраги за наводите за трговија со органи на Дик Марти не покажа ништо. Тие не беа опфатени во обвинението што Специјалниот суд го поднесе против водачите на ОВК. Но, тие десет години му тежеа на Косово и му го нарушуваа имиџот – внатрешно и надворешно, рече меѓудругото Кабаши.
И Газмир Раци, советник на Едита Тахири, поранешна вицепремиерка и лидерка на косовскиот тим во техничките разговори со Србија, изјави дека во ова судење тврдењата на Дик Марти се отфрлени затоа што не се опфатени во обвинението.
„Нашата борба за слобода беше и останува света. Светот знае кој беше агресор, а кој жртва во војната во Косово во 1999 година. Тврдењата на Дик Марти исто така паднаа затоа што обвинението покренато против поранешниот претседател Тачи и другите во ниту еден момент не се однесува на таа фикција спонзорирана од Русија и Србија„
Што е Специјалниот суд за Косово?
Специјалниот суд за воени злосторства на Косово е формиран во август 2015 година со одлука на Собранието на Косово. Во моментот на неговото формирање беше одлучено седиштето на Судот да се пресели во Хаг со образложение дека „сведоците може да се чувствуваат загрозени доколку судењата се одржат на Косово“. Судските трошоци ги плаќа ЕУ. Официјалниот назив на овој суд е „Специјалните оддели и специјалното обвинителство на Косово”. Шеф на одделите е Екатерина Трендафилова, шеф на специјалното обвинителство е Алекс Вајтинг. Судот има и одбранбена единица која обезбедува заштита за сведоците.
Зошто е формиран овој суд?
Идејата за формирање на Специјалниот суд дојде откако Советот на Европа усвои резолуција со која се повикува Косово да ги истражи наводите на швајцарскиот европратеник Дик Марти, кој во својот извештај одобрен од ЕК ги обвини членовите и лидерите на ОВК за воени злосторства и трговија со органи. Овој извештај беше поднесен и одобрен од ЕК во 2010 година. Наводите за трговија со органи сè уште не се докажани. Тие не се ниту дел од сегашното обвинение.
Специјалниот суд е основан од Собранието на Косово и не е поврзан со поранешниот Меѓународен трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија.
Од формирањето на Специјалниот суд, и други лица обвинети за воени злосторства се испратени во Хаг. Досега само поранешниот регионален командант на ОВК, Салих Мустафа, е осуден за воени злосторства. Тој е осуден на 26 години затвор.
Првите проценки велат дека процесот против Тачи, Весели, Красниќи и Селими ќе трае со години. Од обвинителството велат дека само ним ќе им требаат некаде околу две години да ги изнесат своите докази и сведоци.
Тачи, Весели, Красниќи и Селими беа испратени во Хаг пред повеќе од две години. Тие велат дека отишле во Хаг „да ја докажат својата лична невиност и да ги отстранат дамките од праведната војна на ОВК“.
Назми Абдурахмани