Search
Search

Дали знаете што е спортска дипломатија?

Употребата на спортот како платформа за помирување, надминување на конфликти и обновување на дијалог се нарекува спортска дипломатија. Оваа форма на дипломатија стана поинклузивна, модерна и значително поефективна во последните години, за разлика од традиционалната дипломатија, која обично е резервирана за акредитирани дипломати од министерствата за надворешни работи.

Оваа практика се базира на концептот на „мека моќ“ и се однесува на влијание и привлекување на другите преку вредности и дипломатска активност, а не преку сила или принуда. Во спортската дипломатија, спортот, спортистите и спортските настани се користат стратегиски и редовно од страна на државите и недржавните актери. Целта е постигнување на различни цели, вклучувајќи образование, инвестиции и промоција на државата. 

Силвија Митевска, директорка на организацијата „Спорт Соушал Солушнс“, вели дека изминативе години нашата земја направила успешни чекори во доменот на спортската дипломатија, односно, дека сме имале можност и предност да бидеме препознаени како мала држава која има визија да го искористи спортот за стратешка употреба. 

– Додека бев дел од кабинетот на поранешниот премиер, како советничка за спорт, успеавме да ја организираме првата национална конференција на оваа тема на која учествуваше и амбасадорката за спортска дипломатија од Франција. Се поврзавме со повеќе министерства за надворешни работи од европските земји кои имаат оддел за спортска дипломатија и чии позитивни примери тежнеевме да ги аплицираме и во нашите институции. Кога нашиот фудбалски тим за првпат се пласираше на Еуро2020, организиравме билатерален настан во Букурешт со цел подобрување на економската и трговската соработка помеѓу Романија и Македонија. Меѓутоа, од тогаш на ова поле целосно запревме, што, секако е штета, зашто сè уште на меѓународна сцена сме препознаени и нè споменуваат како позитивен пример, вели таа.

Она што треба да се направи во скоро време, според неа, е да се инкорпорира спортот како стратешка алатка во стратегијата за јавна дипломатија, односно, да се препознаат бенефитите од спортската дипломатија во сите стратешки документи како што се Националната стратегија за развој на спортот, стратегиите за туризам, за промоција на инвестиции и извоз и други.

– Треба да се лобира да имаме што поголем број на Македонци кои се ангажирани во високите структури на европските спортски организации за да привлечеме што поголем број на спортски настани да се организираат во Македонија, и секако, да се искористи потенцијалот на претстојните мега спортски настани за да се промовираат стратешките интереси, нагласува Митевска.

Еден од настаните преку кои тоа може да се постигне, според неа, се Европските Младински Олимписки Игри во 2025 година на кои Македонија за прв пат ќе биде домаќин и во Скопје ќе пристигнат над 7 000 учесници.

– Овој настан е одлична платформа да ги покажеме и нашите останати вредности и потенцијал во различни домени. Овој момент е одлична можност и за промоција на меѓународна сцена, па треба да се изработи соодветна комуникациска стратегија која ги поддржува нашите национални интереси и надворешни политики. Би било добро да видиме обединетост и координативен пристап при поддршката на овие игри од страна на владините институции и невладините организации, за да се максимизира потенцијалот на овој настан, посочува таа.

Спорт со скриена агенда и анти-спортска дипломатија 

Покрај концептот на спортската дипломатија, се појавува и поимот анти-спортска дипломатија што подразбира користење на спортски настани и активности за да се изрази протест, бојкот или негативен став кон одредена земја, влада или политичка состојба.

Според Митевска, оваа форма на дипломатија се користи како средство за изразување на политички ставови или за постигнување политички цели, но, во негативен контекст кон спортот. 

– Некои од примерите се бојкоти на Олимписките Игри како форма на протест против политичките одлуки на домаќинот. Имено, многу западни земји ги бојкотираа Летните Олимписки Игри во Москва во 1980 година како протест против Советската инвазија на Авганистан. Понатаму, анти спортска дипломатија подразбира и исклучување на земји од меѓународни спортски настани поради нивните политички постапки или човекови права. Еден пример е Јужна Африка, која беше исклучена од меѓународни спортски настани за време на апартхејдот, вели таа.

Дополнува дека постои и терминот „перење преку спорт“, кој се однесува кога државите на манипулативен начин го користат спортот за скриена агенда или за одвлекување на вниманието од реалните проблеми.

– Многу експерти од спортот ги критикуваат земјите од Блискиот Исток кои преку огромните инвестиции во спортот и спортската инфраструктура се обидуваат да се позиционираат на интернационалната спортска сцена како спортски нации притоа прикривајќи ги проблемите со прекршувањето на човековите права, вели таа.

Спортска дипломатија сè повеќе дел од државните стратегии

Во денешно време, сè повеќе држави имаат стратегии за спортска дипломатија кои се дел од јавната и културната дипломатија во рамките на министерствата за надворешни работи. 

Митевска вели дека една од прогресивните земји во Европа е Франција, која има и посебен амбасадор за спортска дипломатија. 

– Главната цел на овој амбасадор е да привлече што поголем број мегаспортски настани во Франција, да го зголеми присуството на француски претставници во меѓународните спортски организации каде што е возможно лобирање и, секако, да го задржи францускиот јазик како официјален јазик на Олимписките игри. Можам да кажам дека досега ова го прават многу успешно, особено во делот на организирање спортски мега настани и промоција на туризмот преку нив, вели таа. 

Словенија и Хрватска, како што дополнува, се исто така позитивни примери кои преку спортската дипломатија ја зајакнеле својата интеграција во Европската Унија. 

– Организирањето на големи спортски настани како Европскиот младински олимписки фестивал и Светското првенство во алпско скијање ѝ овозможија на Словенија да ги покаже своите организациски способности и посветеност кон европските вредности.  Понатаму,  Хрватска  стратешки го искористи успехот на фудбалскиот тим на СП во 2018  година за да привлече глобално внимание, да го промовира спортскиот талент на хрватските спортисти и да поттикне чувство на национална гордост. Овој спортски успех ѝ овозможи на Хрватска да биде проактивно вклучена во спортската дипломатија, притоа, прикажувајќи ја својата култура и промовирајќи го туризмот, посочува Митевска. 

Како други позитивени примери ги издвојува Австралија, чија стратегија се фокусира на островите на Пацификот, како и САД, кои под Стејт Департментот имаат многу иницијативи за спортска дипломатија коишто се базираат на културни размени меѓу спортисти од САД и други земји.

Митевска: Најважната цел на секој труд и истражување е да има додадена вредност во практика

Митевска за прв пат се сретнува со терминот спортска дипломатија во 2016-та година, кога учествувала на програмата за спортска дипломатија при Стејт Департмент, чиј фокус бил унапредување на лидерските вештини на жени кои се активни во спортскиот сектор. Следната година на конференцијата „Спорт и Европска Унија“ во Молде, Норвешка, имала можност да присуствува на предавање на Ричард Париш, експерт по спортско право, и тогаш го разбрала концептот на дипломатијата преку спорт. Оттогаш, како што вели, голем дел од нејзината работа се фокусира токму во овој домен.

Од постигнатите резултати ги издвојува креирањето на првата интернационална постдипломска програма при Универзитетот за спортски науки во Букурешт, Унгарија. 

– Со тамошниот тим на екперти како и со Марко Бегович од Црна Гора ја креиравме оваа програма која е наменета за сите спортисти и спортски работиници кои сакаат да го зајакнат знаењето во делот на меѓународни спортски односи, спортко право, теорија на јавна дипломатија и други предмети. Засега имаме над дваесет студенти од различни континенти, а се надевам дека од следната година ќе имаме и Македонци кои ќе се запишат и ќе градат кариера во овој домен, потенцира Митевска.. 

Покрај дизајнот и предавањето на оваа програма, моментално таа е на докторски студии на Универзитетот за спорт во Келн, Германија, а темата на студиите е токму спортска дипломатија но преку призма на родовата еднаквост. 

Во врска со нејзиното искуство на конференцијата Спорт и Европска Унија, 2024, таа вели дека учеството на вакви конференции е од големо значење бидејќи овозможува да се согледаат новите трендови во спортот, а истовремено и да се спореди професионалниот развој и експертиза со останатите европски учесници.

– Секоја конференција претставува платформа за професионален раст. Среќна сум што за првпат бев поканета како главна говорничка на конференцијата „Sport and EU“ и верувам дека сум првата Македонка која ја имала оваа чест. Искрено, не е лесно да се презентира пред ваква истакната академска заедница, но сметам дека мојата презентација од практична перспектива беше релевантна за нив, бидејќи најважната цел на секој труд и истражување е да има додадена вредност во практика, смета Митевска. 

Ангела Рајчевска

Фото: МИА архива 

АКТУЕЛНО