Search
Search

Дигиталните номади не ги држи место во Скопје – седат еден месец и заминуваат

Во Скопје престојуваат 200 дигитални номади, а петмина наскоро ќе пристигнат. Од тие
што некогаш биле тука, само 12 проценти повторно би се вратиле. Ова е моменталната
состојба според податоците на номадлист.ком – глобална заедница на лица што
работат од далечина патувајќи низ светот, пишува порталот Пари.

Сепак, не сите што го избрале овој начин на живот се на оваа листа, а и тие што се членови не ги најавуваат секогаш патувањата.

Спојот на корисното и убавото делува врз брзиот раст на работењето од далечина. Како
што е наведено и на платформата, тоа претставува предизвик за илјадници дестинации,
од мали приморски села погодни за сурфање до огромните космополитски градови, кои
се натпреваруваат да привлечат што повеќе дигитални номади.

Месечниот престој во Скопје, за оние што дошле од тука да работат некое време, во
просек чини 1.322 долари. Меѓутоа, овој износ подразбира евтин хотел или соба во
приватно сместување и три оброка дневно. Овој, како и сите други податоци се од
платформата номадлист.ком. Престојот во хотел е со средна месечна цена од 797
долари или 37 долари од ноќ. Да се изнајми гарсониера во центарот на градот е 211
долари месечно. За сместување преку „Ербиенби“ средна цена за ноќевање е 52
долари, а за едномесечен престој 1.590 долари.

Од информациите што се пласирани од прва рака, односно од лицата што престојувале
или сè уште се во Скопје, вечера во просек чини 3,52 долари, пиво во кафуле 1,76, а
такси-превозот на релација од три километри 2,16 долари.

Како позитивни, дигиталните номади што го запознале Скопје наведуваат неколку
работи, меѓу кои – прифатливо за живеење, безбедно, широкопојасен интернет, слобода
на говор, луѓето зборуваат основен англиски.

Сепак, списокот со минуси е нешто подолг. Тука е запишано – прилично спор интернет,
нема што да се прави, студено е во зима, лош квалитет на воздухот во текот на целата
година, нема многу членови од номад листата, плаќањата најмногу се во кеш, посебно
за странци, лоши услови во болниците, непријателски расположени кон ЛГБТ, луѓето
многу пушат. Исто така, наведено е и – не е безбедно за жени. Можеби затоа меѓу
дигиталните номади што се сега во Скопје, само 20 отсто се женски, односно 40 на број.
Во зависност од тоа кој што очекувал и како ги доживеал Скопје и Македонија, различни
се и оние малку рецензии што ги има на платформата. „Убав мирен град, полн со
споменици! Местото може да се посети за најмногу една недела, би го препорачал
Охрид за следна посета“.

Според движењето на членовите, номадлист.ком направил рангирање на дестинациите
што брзо растат во последните пет години, со исклучок на пандемиската 2020-та и веќе
се етаблирани меѓу лицата што не можат да седат на едно место. Значи, во периодот од
2018 до 2023 година најголемо внимание привлекол Тбилиси во Грузија, при што има
раст од 266 проценти. Веднаш зад него, со 254 проценти е Белград – Србија, каде што
во моментот престојуваат 2.600 номади. Што се однесува до градовите од овие
простори, во моментов во Софија од далечина работат 1.200 лица, а Тирана, Солун и
Загреб се домаќини на по 800 дигитални номади. Во Подгорица состојбата е иста како и
во Скопје – 200, додека за Приштина еден номад е во најава, кој има намера да остане
таму четири дена.

 

АКТУЕЛНО