Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на влада, Христијан Мицкоски, попладнево во Собранието ја поднесе програмата за работа на владиниот кабинет што го предлага, како и списокот на членовите што ќе ја сочинуваат со нивните биографии и очекува да биде изгласана до недела, а да започне со работа од понеделник.
Мицкоски не се согласува со критиките на дел од партиите дека идниот вицепремиер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ, е проруски настроен и рече дека секој член на владата мора да има промакедонски позиции.
„Секој што ќе излезе надвор од оваа патека, без разлика на позициите, нема да биде дел од владата. Очекувам 24-те министри и стотици функционери, сите заедно да имаат само промакедонски позиции, да се грижат за Македонија. Промакедонска позиција подразбира силен партнер на НАТО и земја која еден ден ќе биде членка на ЕУ. За позициите на Стоиљковиќ не се согласувам со вас, треба да поразговарате со него. Тој е човек кој е дел од Коалицијата „Твоја Македонија“ и верувам во неговата чесност и искреност и верувам во неговите татковински позиции. Ќе се уверите во кохезијата на владиниот тим кој ќе работи за интересите на Македонија“, рече Мицкоски.
Досега беа три, зошто на Мицкоски му требаат пет заменици
Соопштувајќи го повторно составот на иднината влада, она што веднаш паѓа в очи е бројот на вицепремиери што Мицкоски ќе ги има околу себе на овалната маса за седници во зградата на владата на Илинденска број 2.
Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Димовски од СПМ, Иван Стоиљковиќ од ДПС, Изет Меџити од Демократското движење и Арбен Фетаи од крилото на Тараври во Алијанса за Албанците се предложени за заменик-претседатели во владата на мандатарот Мицкоски
Според имињата на предлозите за членови на владата, Мицкоски ќе има пет заменици, односно вицепремиери, иако се очекуваше тие да бидат четворица.
Тројца од вицепремиерите се од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од кои еден оваа партија, а двајца се од помалите коалициски партнери. Останатите двајца заменици-претседатаели на владата доаѓаат од коалицијата „Вреди“, кого ВМРО-ДПМНЕ го избра за свој партнер од албанскиот политички блок.
Перински, причината за раскинувањето на Арсовска
Интересен предлог на Мицкоски за министер за локална самоуправа е е Златко Перински, разрешениот директор на „Водовод и канализација“ за кој градоначалничката на Скопје Данела Арсовска тврдеше дека го фатила со „рачињата во медот“. Овој случај за жал не доби разрешница и останува нејасно дали имало или немало криминал во постапката на тендерот за Пречистителната станица.
Финансова полиција тогаш влезе во просториите на претпријатието за го истражи работењето и нелегалните дејанија на поранешниот директор Перински, но дали се случил криминал или не од 2022 година до денеска нема одговор.
Арсовска го разреши Перински, в.д директорот на Јавното претпријатие Водовод и канализација поради „самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер“.
– Поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на пречистителна станица, Перински е разрешен во петокот на 09.09.2022 година, стоеше во соопштението од кабинетот на Арсовска.
Две компании ги исполнуваа условите за учество на тендерот за изградба на пречистителна станица која треба да прочисти над 90 проценти од отпадните води во Скопје, проект од над 136 милиони евра финансиран од средства на Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициона банка.
Со ваквиот проект, метрополата конечно требаше се тргне од листата на неколкуте европски градови кои не ги третрираат отпадните води. Градоначалничката Арсовска во своите интервјуа потенцираше дека најважното е што граѓаните ќе имаат поздрава еколошка средина, а во Вардар наместо загадени како сега, ќе се влеваат прочистени води.
Три компании истакнале интерес за учество на тендерот за изградба на прочистителната станица, една француска компанија која по објавата не доставува понуда, турско-американски конзорциум и германска компанија со австриски капитал, фирма ќерка на за Македонија добро познатото ЕВН. Се работи за компанија „WTE“ фирма дел од групацијата ЕВН.
Проблемите во тендереската постапка започнуваат откако Водовод и канализација, чиј директор е Перински кој беше своевремено беше шеф на кабинет на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан одлучил низ тендерската постапка да ја дисквалификува турско-американскиот конзорциум, низ елиминација која не е третирана за неопходна ниту за ЕБОР, ниту пак Европската инвестициона банка а врзана за кредитен рејтинг за банката која ја издава банкараската гаранција за компаниите.
Она што беше сомнително е што компанијата која Перински дефакто ја исклучува од надавањето нуди понуда која според неофицијални извори на Град Скопје ќе му заштеди неверојатни 20 милиони евра, за разлика од фирмата ќерка на ЕВН.
Крајно сомнително беше и што постојат и официјални дописи во кои се бара мислење од ЕБОР и Европската инвестициона банка за овој критериум на што тие немаат приговор, додека Перински ја игнорира целата процедура и работи тендерот да го добие фирмата ќерка на ЕВН.
Дополнителен сомнеж со фаворизирањето на компанијата ќерка на ЕВН предизвикуваат одличните бизнис-крими релации кои ги има актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ со австриското ЕВН, релации кои во јавноста експлодираа со случајот „Делчевски ниви“, случај во кои неколкумина најблиски соработници на Христијан Мицкоски завршија во притвор, но потоа сведоците ги сменија изјавите и овој предмет се затвори.
Соња Танеска