Ова се вели во анализа на адвокатската канцеларија на Семјуел Фишман, која е исклучиво посветена на давање правна помош во однос на добивање компензација за нанесени повреди, без разлика дали станува збор за напад од куче, сообраќајни несреќи и сл.
Во анализата на оваа адвокатска канцеларија се вели дека во практиката се покажало дека постојат неколку клучни причини зошто кучињата можат да нападнат човек. Пред сè, тие можат да станат опасни поради стресни ситуации, кога се исплашени, доколку се гладни, или пак ако почувствуваат дека нивните сопственици не се безбедни.
„Сите овие точки мора да се имаат на ум кога стоите покрај куче“, пишуваат од адвокатската канцеларија.
Постари објавени студии за каснувања од куче пријавени во Ветеринарното јавно здравство на округот Харис (HCVPH) помеѓу 1 јануари 2013 година и 31 декември 2016 година покажуваат дека многу почести се нападите од некастрирани машки кучиња.
„Тестостеронот кај некастрирани кучиња го зголемува агресивното однесување со тоа што ги тера кучињата да реагираат со поголем интензитет. Некастрираните мажјаци се исто така вклучени во 70-76 проценти од пријавените инциденти со каснување од куче“, се вели во студијата.
Понатаму, како што се вели во истражувањата, многу повеќе напади од кучиња се случуваат од домашните кучиња отколку од уличните. Кучињата во сопственост на соседи имаат највисока стапка на каснувања, а потоа следуваат кучињата во сопственост на семејството на жртвата.
„Бездомните кучиња имаат најниска стапка на каснувања, но сепак тие почесто се пријавуваат од другите. Ова може да се должи на согледаниот ризик од болест кај бездомните кучиња“, се вели во анализата и се додава дека од 6683 случаи, само 15 отсто биле напади од бездомни кучиња.
Некои раси кучиња се поагресивни од други
Прашањето дали одредени раси кучиња се поагресивни од други предизвикува големи дебати во јавноста. Сепак, и покрај тврдењата дека „не постојат агресивни кучиња, туку сè зависи од сопственикот“, статистиките покажуваат една поинаква слика.
Конкретно, за Соединетите Американски Држави (САД), статистиката за периодот од 2005 до 2020 година покажува дека одредени раси кучиња се одговорни за повеќе смртни случаи од останатите.
Најголем број смртни случаи имало кај луѓе кои биле нападнати од кучиња од расата „питбул“, а потоа, во многу помал процент се застапени ротвајлерите.
Податоците во табелата што следува ја прикажува статистиката од 568 Американци кои починале како последица од напад на куче, според расата.
Според ова, поголемите раси имаат посилен угриз од помалите, што значи дека тие имаат поголем потенцијал да нанесат телесни повреди. Но, посилниот угриз, како што се вели во анализата, воопшто не значи дека е поголема веројатноста да ве касне куче од таа раса, односно дека тие кучиња повеќе напаѓаат.
И за овој дел постојат статистики, па така, во САД, има раси кои се сметаат за поагресивни од останатите, сметано според бројот на каснувања во периодот од 2005 до 2020 година. Тука спаѓаат американски питбул териер, булмастиф, ротвајлер, германски овчар, хаски, чау чау, доберман пинчер, акита и волк-хибрид.
Обвинителството го чека наодот од обдукцијата за детето кое почина по напад домашно куче
Во надлежните институции во земјава тече постапката за трагичниот настан во вторникот, кога осумгодишно дете од скопската населба Пинтија во Кисела Вода, беше искасано до смрт од соседско куче од расата булмастиф.
Две од вкупно три кучиња вчера беа одземени од сопственикот. Станува збор за женка од 12 години од расата англиски булмастиф и мажјак од истата раса.
Нападот, според информациите од надлежните институции, се случил додека во куќата немало никој, а момчето ја прескокнало оградата и влегло кај соседите, кога било нападнато од најстарото куче кое го изгризало кај вратот. Детето починало на пат кон болница поради обемното крварење.
Од Јавното обвинителство за Мета.мк изјавија дека сè уште не ги добиле наодите од обдукцијата.
„Обдукцијата е завршена, но обдукцискиот наод се уште не е пристигнат во Основното јавно обвинителство Скопје. Надлежниот јавен обвинител издава повеќе наредби со цел да се испита целиот настан. Меѓу нив, ќе биде издадена наредба до Агенцијата за храна и ветеринарство да се провери третманот и одгледувањето на кучињата“, велат од обвинителството.
Двете кучиња ќе треба да поминат 14-дневен карантин, период во кој ќе бидат три пати испитувани за беснило и за истото ќе биде издаден сертификат за надзор на беснило. По завршувањето на карантинот, кучињата ќе бидат ставени на тестови за социјализација, кои ги вршат овластени проценители.
Извор: Независен