Search
Search

Древни инженери го создавале, со години се реставрира-Аквадуктот во Скопје, маркантна градба од римско време

Во старите времиња, снабдувањето на градовите во сложен терен во смисла на релјеф се вршела со користење на сложени инеженерски градби. Таков бил аквадуктот, кој од изворот на голема висина, носел вода до жителите, сместени во долините.

Древните градители, совршено ги граделе овие грандиозни градби, кои во превод од латински значат водовод, но нивното значење е подлабоко. Тоа се сложени градби, со прекрасен изглед кои опстојале до денешно време. Скопје, ја имаа таа привилегија да биде на мапата на градови кои имаат аквадукт изграден од римско време.

Маркантна градба, лоцирана само на неколку киломтери од центарот на престолнината. Древни инженери го создавале, а градители од камени блокови го граделе. Користеле и тула. Поминале векови и векови, а оваа градба преживеала. Она што загрижува е колку денес не се води грижа за ова непроценливо наследство.

Кога е изграден?

Археолошкиот локалитет Скопски аквадукт се претпоставува дека го изградил Јустинијан I во период од 527 – 554 година, па поради тоа се нарекува и Јустинијанов аквадукт. Постојат и претпоставки дека тој е изграден во 16 век за време на отоманската империја. Аквадуктот се наоѓа северно од центарот на град Скопје на оддалеченост 3 км воздушна линија од плоштадот Македонија, односно 5-6 км по земјен пат.

Во својата архитектонска композиција археолошкиот локалитет Скопски аквадукт во правец север – југ содржи две пристапни рампи, 53 столбови, 54 основни и 42 помали сводови на затекнатите олеснувачки затворени и отворени отвори над столбовите. Вкупната развиена должина на споменикот на културата изнесува 387,98м. Висинската кота на Јужната рампа 279,46м и на Северната рампа е 280,485м или со денивелација од 1,025м во постојната состојба.

Аквадукт
Фото Александар Ризински

 

За изгледот, состојбата, датирањето и функционирањето на Јустинијановиот водовод и монументалниот објект на Јустинијановиот аквадукт, постојат повеќе стари цртежи и фотографии. Тука се и записите од познати историчари и хроничари. За Скопски аквадукт постојат и записите од странски патописци. постојат и записи од дипломати и посетители.

Но исто значајни се и записите од водичи и трудови од воени лица, инженери, историчари на уметноста и севозможни научници. Така, на пример, во 1560 година безимениот венецијански патописец на Скопски аквадукт гледа 60 отвори. Во 1669 година Англичанецот, доктор Браун, напишал дека аквадуктот е “прекрасна древност, која голема гордост му прави на ова место” и дека на аквадуктот има “двесте отвори”.

  ГАЛЕРИЈА „АКВАДУКТ“

Многу историчари го цитирале Прокопиј (познатиот хроничар на владеењето на Јустинијан). Според Прокопиј водоводот бил подигнат во периодот од 527 до 565 г. Се верува и дека постои сличност со техниката на градење на аквадуктот со Куршумли ан во Скопје. Се вели дека тој не потекнува од византискиот период, туку бил граден во текот на XV век. Тоа е времето кога градот Скопје започнал интензивно да се зголемува. Се граделе новите исламски градби: амами и џамии, за чија градба и функционирање биле потребни големи количества чиста вода.

Скопски аквадукт за последен пат бил обновен по Скопскиот земјотрес во 1963 г., кога биле поправени три лака и два столба кои паднале од јачината на земјтресот.

Многу реставрации во најава

Ограничената меморија на македонскиот интернет-простор, каде што повеќето содржини се бришат откако ќе наполнат три-четири години, оневозможува да се направи прецизна хронологија на најавите за обнова на аквадуктот, пишува „Призма“

Во еден од подлабоките слоеви може да се најде напис од 2007 година, во поранешен „Утрински весник“, зачуван на блогот Волан. Во него се најавува дека бендот „Синтезис“ ќе одржи концерти на неколку значајни археолошки локалитети што се во незавидна состојба, а еден од нив е аквадуктот. Уште во тоа време, тој е опишан како жртва на заборавот и на негрижата на институциите за него. Во тој период, поранешниот архитект-конзерватор Васил Иљов подготвуваше иницијативи за да го обнови аквадуктот, но тие не се остварија.

Аквадукт
Фото Ангел Ангеловски

Подоцна во 2007 година, во Скопје се отвори булеварот Словенечка. Првично тој бил замислен да поминува во близина на аквадуктот и со тоа да го направи овој споменик на културата попристапен за посетителите. Но, трасата беше менувана повеќепати поради имотно-правни проблеми, па аквадуктот остана на околу 500 метри од оваа сообраќајница и до него и натаму се пристапува по тесно патче покрај реката Серава.

Во 2011 година, Град Скопје, под водство на тогашниот градоначалник Коце Трајановски, објави стратегиски план за заштита и рехабилитација на аквадуктот во Скопје и неговата околина. Во објавата во градскиот весник од овој период се вели дека со тоа почнала и домашната и меѓународната афирмација на „еден од најстарите, најзначајните и најзачувани артефакти од ваков тип во овој дел од Европа“. Со планот се предвидувало доистражување и уредување на околината, но не се остварило ништо.

Повторно во 2014 година се алармираше за состојбата со аквадуктот, кога тој беше споменат во националниот извештај за климатски промени, како културно богатство што може да се урне бидејќи е во лоша состојба и не може да ги издржи климатските влијанија. Се најавија мерки за итно решавање на проблемот.

Аквадукт
Фото Ангел Ангеловски

И покрај итноста, на властите им требаа четири години и промена на владејачката гарнитура и на државно и на локално ниво за повторно да се сетат дека постои овој објект, за кој не штедат зборови да го опишат како многу значаен и големо културно богатство на градот и на државата. Во 2018 година, аквадуктот го посетија премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. Пред оваа посета, околината беше исчистена од ѓубре и од градежен шут, а откако политичарите со нивните големи најави се оддалечија, отпадот и тревите се вратија околу објектот.

Владата во октомври 2019 година повторно најави итни мерки за санација, откако се откри дека некој ги оштетил камењата од десет столбови на споменикот на културата. Итноста овојпат траеше година и пол, до април 2021 година, кога на предлог на Министерството за култура и на Управата за заштита на културното наследство, објектот беше прогласен за споменик на културата од исклучително значење. Со тоа тој ја доби највисоката форма на заштита што ја предвидува законот.
Остана уште таа заштита да се реализира на теренот.

Што се случува со реставрацијата денес?

Во септември 2021 година почна првата фаза на конзервација и реставрација на скопскиот Аквадукт, откако неодамна Владата донесе одлука да го прогласи за културно наследство од особено значење.

„Скопскиот Аквадукт е еден од последните на Балканот кој е сочуван во целина. За жал, не можеме да се пофалиме дека тоа е по наша заслуга. Затоа го нареков ремек дело на старите градители кое што им пркосело на вековите , на природните непогоди, на војните и на луѓето. Сега имаме шанса тоа да го исправиме. Тоа и го правиме“, рече тогаш министерката за култура, Ирена Стефоска.

Аквадукт
Фото Ангел Ангеловски

Во меѓувреме за реставрацијата е задолжено министерството за култура преку Националниот конзерваторски центар во Скопје.

-Во моментот на културното добро Аквадукт во Скопје се реализира втората фаза од Основниот проект за конзерваторско реставраторски работи на Аквадуктот во Скопје. Сите интервенции кои се превземаат како непосредна заштита на доброто се во рамките на овој проект при што во моментот се работи на статичка стабилизација на инклинираните столбови на објектот и консолидација на почвата под темелите со цел да се обезбеди идната стабилност и егзистенција на објектот. Со поставувањето на дренажен канал во должина од 160 м се отстрани собирањето на големи атмосферски води до објектот кои непосредно го загрозуваа објектот и најверојатно ја предизвикале инклинацијата на столбовите, велат за Градска.мк од Националниот конзерваторски центар во Скопје.

Тие додаваат дека имајќи го предвид значењето на објектот, неговиот габарит и степенот на оштетувања, а согласно финансиите, се предвидува непосредната заштита на објектот да се одвива во повеќе фази во текот на неколку години.

Соња Танеска

АКТУЕЛНО