Search
Search

Две третини од граѓаните на лето се ладат во автобуси и трговски центри оти немаат пари да го изладат домот

Исчезнаа субвенциите за сметките за струја. Делот во фактурата каде граѓаните гледаа колку проценти изнесува владината помош веќе го нема. Овие пари се префрлаа од буџетот во ЕСМ и со нив државата покриваше дел од трошокот за електрична енергија на домаќинствата. Најпрво помошта беше над 90%, потоа падна на 84, а сега воопшто и не е напишана.

„Реално би било некоректно на граѓаните да им се кажува дека има субвенција кога цената на ЕСМ е 57 евра, а има денови кога цените на пазарот се 20-30 евра. Едноставно случувањата на пазарот се такви да во најголем дел во изминатите два до три месеци цената е 60 до 70 евра“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Во меѓувреме, се крои новата цена за од 1-ви јули. Сега ќе се носи одлука само за потрошената струја, а не и за мрежарината. Пресметките треба да завршат со крајот на месецов, до кога би требало да се знае и дали има шанса домаќинствата да имаат повеќе од два часа евтина струја преку ден.

„Правиме сериозна анализа за последните 2-3 години за цени за електрична енергија, за секој час на повеќе берзи. Кога ќе бидеме готови со таа анализа ќе кажеме кога, во колкав обем ќе имаме зголемување на евтината тарифа во текот на денот“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Две третини од населението во земјава е во енергетска сиромаштија, покажале анализите. Граѓаните се повеќе бараат начини како сами да ја намалат сметката за струја.

„Примателите на гарантиран минимален приход добиваат субвенција за струја само во зимските месеци, меѓутоа во летните месеци веројатно останува да се ладат во ЈСП автобусите во скопје или во моловите. Тоа се единствените климатизирани места каде што можат бесплатно да се оладат “ – Билјана Дуковска, Платформа за сиромаштија

Во јануари годинава беше воведена и нова ставка во сметките за струја наречена „пристап до мрежа“. Оваа давачка пред да се воведе беше највено дека ќе ги погоди само оние со по пет стана и викендици, но во пракса, најмногу ги оштети граѓаните кои штедат. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма вети дека оваа ставка ќе ја укине, а првиот регулатор му врати дека ако тоа се случи тогаш евтината тарифа ќе се зголеми за 15 отсто, а ќе поскапат и блоковите.

Извор Сител

 

АКТУЕЛНО