Search
Search

Двојни фактури, затајување данок, маржи до 200 проценти, кој ќе одговара за грабежот на граѓаните?

Соња Танеска

Неполн месец по замрзнати цени треба да се продаваат домати, пиперки, грав, банани… Анализите покажале дека овие производи се продавале со маржи и над 200 отсто. Бизнисмените негодуваат, земјоделците велат дека оваа мерка нема да им наштети, но што е вистината?

По замрзнувањето на цената на лебот, па потоа и тестенините, млечните производи, јајцата, оризот и хигиенските средства, владата на 3 април одлучи да ги ограничи цените и на дел од овошјето и зеленчукот.
Замрзнати се цените на 11 овошки и зеленчуци (домати, краставици, пиперки, кромид, карфиол, грав, леќа, банани, портокали, мандарини, лимони).

Но тоа не е сè, листата може да се зголеми, а министерот за економија Крешник Бектеши побара помош од граѓаните тие да ја надополнат со производи на кои треба да им се замрзне цената.

Одлуката за замрзнати цени на останатата храна ќе важи до 31 мај, а можно е и да се продолжи тој рок, ако има нелогичности во цените, соопшти Владата.

Владата досега презеде низа мерки за ограничување на цените. Во јуни 2022 година ги ограничи маржите на основните прехранбени производи, а на 1 ноември им даде поевтина струја на фирмите што произведуваат масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, како и месната и живинарската индустрија. Но, оваа мерка траеше кратко, оти, како што посочи Владата, производителите не ги намалија цените на храната.

Од вторник ќе се зголат дел од замрзнатите цени, поскапел увозот

Ќе поскапат некои од производите со замрзнати цени оти поскапел увозот. Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дека во вторник следната недела ќе има корекции на некои од цените по утврдувањето дека увозниците пријавиле поскапи цени во Царинската управа.

„Колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените што се прикажани во Царинската управа, процентуално на тоа намалување ќе се намали и цената на тој производ. Ако е иста, ќе остане иста. Генерално, нашиот увоз е од Грција, Турција, Албанија и од Србија и повикувајќи се на новите цени што се пријавуваат во Царинската управа, следниот вторник Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени.

Кај одредени производи ќе има многу мало зголемување како највисока цена на овие производи, но никако нема да има во малопродажба цени како пред десетина дена кога се движеа околу 130-140 денари, па отидоа и до 150 и погоре. Цена на овошјето и зеленчукот за производите што беа наведени во одлуката нема да има поголема од 100 денари за што дополнително ќе ја информираме јавноста“, рече министерот Бектеши.

Во понеделникот оваа недела Владата донесе одлука со која свежите домати не може да се продаваат за повеќе од 70 денари, свежите краставици не може да се продаваат повеќе од 75 денари, кромидот не може да се продава повеќе од 60 денари, карфиолот не може да се продава повеќе од 7о денари, зелените пиперки не може да се продаваат повеќе од 90 денари, гравот не може да се продава повеќе од 75 денари, леќата не може да се продава повеќе од 110 денари, бананите не повеќе од 75 денари, портокалите не повеќе од 55 денари, мандарините не повеќе од 60 денари и лимоните не повеќе од 55 денари.

Некои од овие производи ќе имаат нови цени поради новите увозни цени пријавени во Царинската управа иако во одлуката стоеше дека цените треба да останат до крајот на месецот. Веќе на почетокот на следниот месец се очекува домашното производство на пазарот, кое треба дополнително да ги намали цените на производите.

Министерот Бектеши потсети дека податоците што ги има Министерството за економија за фиктивни фактури за увоз на овошје и зеленчук ќе ги достави до сите надлежни институции, но и дека ќе ги објави за да ги поттикне институциите да постапуваат. Министерот обвини дека многумина од големите увозници едни фактури пријавувале во Царинската управа, а други со помали цени имало во компаниите каде што плаќаат. Побара надлежните институции да истражат и нагласи дека казната за затајување данок над 10.000 евра е кривично дело.

Земјоделците нема да трпат штети

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, оцени дека замрзнувањето на цените нема да влијае на трошоците и на приходот на земјоделците, туку на сите оние кои сакаат да профитираат на грбот на граѓаните.

-Ги направивме соодветните анализи за коишто бевме задолжени, многу прецизно, многу детално, многу јасно, во коишто се дефинирани производствените трошоци на земјоделците, но и откупните цени кои се плаќаат кон земјоделците. Од тие анализи произлегува дека најголем дел од цените кои ги плаќаат граѓаните одат за маржа, не одат за земјоделците. Во овој момент го немаме тоа домашно производство и затоа и нашето мислење беше дека во овој момент нема проблем во делот на домашното производство, односно замрзнувањето или ограничувањето на овие цени нема да влијзае на трошоците на земјоделците или на приходот на земјоделците, туку на сите оние коишто сакаат да профитираат на грбот на граѓаните. Односно, целокупната цена во најголем дел е формирана и најголема застапеност има маржата. Со раноградинарите и со оние кои имаат оранжериско производство, Министерството вчера одржа состанок. Сите нивни барања ќе ги разгледаме, ќе бидат анализирани, да видиме колкави се трошоците, особено тука станува збор за оранжериското производство каде што цената на чинење на производството е повисока, меѓутоа Министерството и минатата година беше подготвено во секој поглед да ги поддржи земјоделците. И оваа година имаме обезбедени средства преку Интервентниот фонд за мерки и политики коишто ќе бидат потребни во текот на црлата година“, рече Николовски.

Тој нагласи дека не ги анализираат увозните цени, туку домашното производство.

-Немаме надлежности да испитуваме и да утврдуваме цена на чинење на производи од Албанија или од Србија. Тоа не е во надлежност на МЗШВ. Јас можам да одговарам за она што е со факти и аргументи и така правам секојдневно. Ние мора да ги заштитиме земјоделците заради тоа што не може со маржи што се ставени на домашните производи на крајот некој да профитира во време на криза, рече Николовски.

Николовски додаде дека сме единствена држава во регионот која има дадено поддршка за 40 проценти за субвенционирање на вештачкото ѓубре кога се утврди дека цената е покачена за над 100 проценти.

Цените замрзнати, пазарите празни

Замрзнувањето на цените на зеленчукот и овошјето ја преполови, а за некои производи ја десеткуваше или воопшто нема понуда на зелените пазари.

Трговците велат, дека продаваат залиха останата од минатиот пазарен ден, а нова набавка нема, зашто магацинските цени се во висина на замрзнатите од Владата, па тие наместо со ќар, ќе работат во загуба.

Како што посочуваат, тие не сакаат да набавуваат зеленчук по таа цена, бидејќи според нив магацините го продаваат зеленчукот прескапо, поточно за гравот одредиле цена од 130 денари, а додека пак според насоките треба да се продава за 75 денари.

Трговците со овошје и зеленчук ќе мора да обезбедат 70 отсто од потребите за домашниот пазар

Трговците кои продаваат овошје и зеленчук да прибавуваат и продаваат 70 проценти од количините што ги продале во јануари и февруари. Ова е Одлуката што ја донесе Владата на денешната попладневна седница по предлог на Министерството за економија.

Како што соопшти Министерството за економија, оваа Одлука која следи по Одлуката за замрзнување на цените на определени видови овошје и зеленчук, е предвидено да важи до крајот на април.

-Владината одлука е донесена по координативниот состанок на премиерот Димитар Ковачевски со колегите министри од ресорните министерства и претставници на надлежни институции во врска со предметното прашање, вели министерот Крешник Бектеши.

Бектеши денеска на прес-конференција јавно ги повика увозниците на овошје и зеленчук да присуствуваат на координативната средба и повтори дека законите мора да се почитуваат.

Што јадат граѓаните најмногу?

Според податоците на Царинската управа, минатата година во Македонија биле увезени над 23 милиони килограми банани, 8,2 милиони килограми лимони, 8,4 милиони килограми мандарини и скоро 10 милиони килограми портокали.

Ако тие количини се поделат на 12 месеци, па потоа и на 1,8 милиони жители, испаѓа дека секој граѓанин во просек месечно јаде по над 1 килограм банани, 370 грама лимони, 380 грама мандарини и 440 грама портокали.

Според Бектеши анализите покажале дека овие производи се продавале со големи маржи.

„Во тек на март достигнувале маржите, за жал, и до 200 – 250 отсто“, рече министерот на прес-конференција на 3 април.

Инспекторите наплатиле казни од 40.000 евра

Инфлацијата во земјава во февруари годинава изнесуваше 16,7 отсто, во однос на истиот месец лани. Во Европа, повисока инфлација од Македонија имаат само балтичките земји, Полска и Унгарија.

Просечната годишна инфлација во 2022 година во Македонија изнесувала 14,2 отсто, додека индексот на цените на мало бил зголемен за 12,6 проценти, според податоците на Државниот завод за статистика.
Најголем раст на индексот на трошоците е забележан току кај храната и безалкохолните пијалаци, кои за една година поскапеле за 20,9 проценти.

Откако почна замрзнувањето на цените на храната, Државниот пазарен инспекторат контролира дали се почитуваат владините одлуки. Досега инспекторите спровеле над 1800 инспекции и изрекле казни во вредност од над 2,5 милиони денари, околу 40 илјади евра.

Што направија другите земји?

Македонија не е единствената земја која со замрзнување на цените се обидува да ја заузда инфлацијата. Цени на основните прехранбени производи замрзнуваше и Србија, Хрватска, Унгарија и други земји во Европа, а повеќе земји од Европската унија ограничуваа цени на струја, гас, греење и горива.

Француската влада, во договор со трговските ланци, ги намали цените на 200 основни производи.

Грција одлучи сите супермаркети да мора да имаат по еден производ од секоја категорија по пониска цена.

Освен замрзувањето или ограничувањето на цените, европските влади почесто интервенираа со намалување на даноците и пакети помош за ранливите категории.

АКТУЕЛНО