Search
Search
Фото: Скопјард

Фестивалот „Скопјард“ нема да се одржи, а Град Скопје и организаторите најавуваат меѓусебно тужби

Од Градот тврдат дека не издале согласност затоа што организаторите имале намера во зелен појас да постават 12 контејнери тешки по 1,5 тон, но според организаторите контејнерите се поставуваат на ногарки и не ја уништуваат тревата. Притоа, додаваат дека платиле комуналии за фестивалот по налог на Градот, но Арсовска ја стопирала дозволата.

Фестивалот „Скопјард“ кој требаше да се случи од денеска до 16 јуни во Градски парк, сепак нема да се одржи. Од Град Скопје тврдат дека никогаш не дале согласност за неговото одржување, а организаторите пак објаснуваат дека по добиена резервација на просторот од Градот и уплатени комуналии, од за нив неразбирливи причини согласноста е директно стопирана од градоначалничката Данела Арсовска.

Кој е во право веројатно на крајот ќе треба да покаже судската разврска, затоа што и од Град Скопје и организаторите се заканија со тужба – едните поради тоа што организаторите наводно лажно најавувале настан и клеветеле, а другите за штетите што  ќе ги претрпат поради трошоците за подготовките на фестивалот кој нема да се одржи по заслуга на Арсовска..

Вчера од Град Скопје информираа дека „извесен организатор“ кој од 21 март без претходно добиена согласност најавувал дека на 12 јуни ќе организира фестивал го откажал, а како оправдување, според нив, изнесувал лаги и невистини поврзани со Град Скопје.

Согласност за поставување од страна на Град Скопје не е издадена бидејќи е утврдено дека истите имале намера во зелен појас во Градскиот парк во Скопје да постават 12 контејнери од 1,5 тон секој, кои би се транспортирале во зеленилото со товарни возила и истоварале со виљушкар. Од страна на службите беше укажано дека има локации на кои нема да се уништи зелен појас, а на кои може да се одобри одржување на настан – соопштија од Градот, од каде побараа јавно извинување и повлекување на изнесеното, затоа што во спротивно ќе покренат постапка за докажување одговорност пред надлежен суд.

СП

Од друга страна, Мартин Ангелов, организаторот на фестивалот, денеска до јавноста излезе со објаснување за сето она што се случувало во изминатиот период. Според него бидејќи фестивалот требало да биде со бесплатен влез во март годинава било побарано од Град Скопје информација за слободни термини и резервација за локацијата и откако добиле потврда за достапноста на терминот и локацијата, на 18 април официјално преку архива било поднесено барање за издавање дозвола.

По електронска пошта добиена е потврда од службите во Град Скопје со направена пресметка за уплата на комуналии, според површината која ја користиме и деновите на присуство, како и детали за сметките на кои треба да се извршат уплати и да дојдеме физички да го подигнеме решението. Извршена е уплата согласно насоките, надомест за комунална такса (35.000 денари), како и надоместот за чистење на јавни тревни површини заради организирање на настан (50.000 денари), но при подигање на решението (за кое имаме електронска порака дека е изготвено), од нам непознати и необјаснети причиниистото најдиректно од самата градоначалничка, е стопирано и не е предадено – тврди Ангелов и прашува зошто некој би барал да се платат комуналии на две градски институции, доколку барањето не е прифатено.

Во однос на соопштението од Град Скопје тој тврди дека никогаш и на ниеден начин не му била предложена друга локација, ниту му се објаснети причините за стопирање на решението, ниту пак е одговорено на нивните барања за средба со претставници на Градот.

Во врска со обвинувањата за контејнерите коишто требаше да бидат поставени, должни сме да ја известиме јавноста дека тие контејнери се наменети за поставување на трева, бидејќи не ја оштетуваат – стојат на ногари со ширина од 15см, и 18 дрвени штандови со ногари од 10см, што значи дека вкупната тревна површина која ја покриваме со директен контакт за 12 контејнери е 1,56 м. – вели организаторот и додава дека од „Скопјард“ се грижат за зеленилото и поради тоа договориле на настанот да учествуваат и градинарски центри.

Според Ангелов, фестивалот ја имал целосно затворено финансиската конструкција преку учество и спонзорство на околу 30 различни излагачи на храна и пијалаци и помали и поголеми компании за реализација еко-активности преку ден.

И за крај, судската разврска ќе ја чекаме ние од SKOPYARD, кои вложивме средства за продукција на под за да не се гази тревата, за дрвена ограда за да одговара на амбиентот, за дрвени штандови за го разубавиме паркот, во осветлување и светлечки елементи со кој ќе го украсиме градот, за договорите со изведувачите и учесниците и ред други нешта – соопшти организаторот.

На петдневниот фестивал освен музички дел требаше да се одржат низа дополнителни фестивалски содржини со голем број на работилници достапни за сите, со бесплатен влез.

Извор: Анета Стојковска / СП

АКТУЕЛНО