Search
Search

Филозофски филмски фестивал од 7 до 13 јуни

Пет долгометражни филмови и 16 кратки се во официјалните селекции на 14. Филозофски филмски фестивал и ќе се натпреваруваат за наградата „Златен був“. Фестивалот со мото „Неред меѓу редови“  ќе се одржува од 7 до 14 јуни во организација на Филозофското друштво на Македонија, во соработка со Филозофскиот факултет на УКИМ.

Покрај главната програма со филмовите за награди, ќе има и ревијална и придружна, како и едукативната програма која беше организирана во пресрет на фестивалот.

Фестивалот ќе биде отворен в петок во 21.00 часот во летното кино во Кинотеката со проекција на шпанскиот филм „Затвори ги очите“ на режисерот Виктор Ерисе. Тој е првиот од петте во официјалната програма на долгометражни филмови кои и годинава ги селектираше професор Кирил Трајчев.

Во оваа конкуренција се и: романскиот филм „Не очекувај премногу од крајот на светот“ на Раду Жуде, „Во лушпата на златниот кожурец“ – дебитантски филм на виетнамскиот режисер Тјен Ан Фам, иранскиот филм „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами и филмот на грузиската режисерка Тинатин Кајришвили – „Граѓанинот светец“.

Директорката на фестивалот Ана Дишлиеска-Митова на прес-конференција на која беше претставена комплетната програма на годинашниот ФФФ, истакна дека филмовите нудат различни теми – од сеќавањата и идентитетот, социјална критика на капитализмот или авторитарноста, моќта и контролата во општества, како на пример во Иран, но и теми за верата, надежта и смртта.

-Се обидуваме колку што можеме, и покрај скудните финансиски средства, да направиме програма која ќе биде интересна за македонската публика и која на некој начин ќе може да ја врати магијата на филмските дела коишто, за жал, не се дистрибуирани во киносалите, а честопати не се прикажани и од поголемите филмски фестивали. Како и во минатите години, и овојпат е голем квалитетот на продукцијата. Петте филмови се од последните две години, некои од докажани автори,  како и дебитантскиот од Виетнам, кој е подеднакво зрел како и останатите, рече Дишлиеска-Митова.

Во селекцијата на кратки филмови ќе бидат прикажани 16 од повеќе земји. Селектор е Дејан Здравков, а проекциите ќе бидат во два дена – на 9 и 10 јуни од 18 часот во Кинотеката. Имаат различни теми и се произведени во 2022 и 2023 година. Најголем дел од нив имале премиера на значајни филмски фестивали, како што се Кан и Венеција.

Филмовите од двете селекции (долгометражни и краткометражни) ќе се натпреваруваат за „Златен був“, која ќе биде доделена на 13 јуни,  а покрај оваа награда ќе биде доделено и признанието  „Стефан Сидовски-Сидо“.

За двете селекции ќе одлучува тричлено жири, во состав:  Славица Србиновска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Иван Миленковиќ, филозоф од Србија, и македонскиот филмски и театарски режисер Јане Спасиќ.

Во ревијалната програма, која ги поврзува филмот и филозофијата, од 11 до 13 јуни во Кинотеката  ќе бидат прикажани три филма придружени со три предавања: „Убавината на порокот“ на режисерот Живко Николоќ од 1986, со предавање на српскиот филозоф Иван Миленковиќ, „И сепак Лоренс“ на режисерот Гзавие Долан од 2012, со предавање на проф. Слободанка Марковска од Филозофскиот факултет, и филмот „Златната треска“ на Чарли Чаплин од 1925 придружено со предавање на филозофот Стивен Фридман од „Харвард“. Во рамки на фестивалот, на 10 јуни на Филозофскиот факултет. професорот Миленковиќ ќе одржи предавање за Кант  – „Друштвена недруштвеност“.

Во фокусот на придружната програма, пак, ќе бидат шест завршени филмови на Маја Дерен, основоположничка на експерименталниот филм, вклучително и нејзиниот дебитантски „Мрежи на попладнето“ од 1943 година. Шесте филма, секој од по 15-ина минути, ќе бидат прикажани на една проекција на 8 јуни. Токму презимето на Маја Дерен, читано одназад, е директна референца за мотото на годинашното издание на фестивалот – „Неред меѓу редови“.

ФФФ во својата придружна програма вклучува и проекции на четири видеоесеи во селекција на Ивана Мирчевска, кои се тематски разновидни – од осаменоста на перифериите на градовите, трансформацијата на глината до утробата на китовите.

Едукативната програма на ФФФ, која е посветена на филмската писменост, опфати неколку завршени настани во кои беа вклучени ученици и адолесценти. Во април и мај, во рамки на оваа програма, се одржаа три нејзини сегменти – Средношколска видеолектира, Филмософија со деца од 7 до 11 години и работилница „Естетика на филмскиот јазик“ за млади од 17 до 19 години. Во пресрет на отворањето на 14. ФФФ в петок, денеска ќе бидат доделени наградите од конкурсот за најдобри филмски есеи во рамки на едукативната програма.

АКТУЕЛНО