Search
Search

Физибилити студијата за пругата кон Бугарија што не му се допаѓа на Николовски ја „изработи“ ВМРО-ДПМНЕ

Пругата кон Бугарија е проект рекордер ветуван од сите политичари во нивните изборни програми. Со текот на годините премиери удираа камен темелници, ветуваа дека пругата станува реалност, се одвојуваа пари за тоа во секој државен Буџет, но потоа парите се пренаменуваа за други цели. Бугарија речиси го заврши својот дел од пругата, но не и Македонија. 

Овој проект беше во изборните програми и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Во март 2014 година Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја започна изградбата на првата делница од вкупно три, откако побара да се изработи нова физибилити студија.

-Во наредниот период ќе работиме интензивно за реализација на предвидените делници од овој проект, а комплетно завршување на пругата се најавува за 2022 година, пишуваше во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за овој проект.

Железничкиот Коридор 8 беше напишан и во изборната програмата на СДСМ. Таму стои дека е планирана реконструкција на пругата од Куманово до Бељаковце, како и изградба на нова пруга од Бељаковце до Крива Паланка и од Крива Паланка до Ѓушево – граница со република Бугарија. Дел од градежните работи се завршија, втората фаза е при крај, а  третата не е уште почната.

Сепак новата Владата ќе бара од ЕБОР и од ЕИБ дел од средствата за изградба на железничка пруга до границата со Бугарија да се пренаменат за изградба на брзата пруга на Коридорот 10 и рехабилитација на постојната пруга на овој Коридор, кој би чинел 250 милиони евра.

Според министерот за транспорт и врски Николовски треба да се седне сериозно со Бугарија, да се види дали ова е најдобриот проект, дали тие можат да го изведат од нивна страна иако Бугарија го заврши својот дел од проектот и и останаа само 2,5 километри до границата со Македонија.

Потоа Николовски најде и други маани на проектот, имало многу тунели, пругата ќе поминувала низ планини и ќе било многу споро движењето, а додаде и дека не е добро што ќе поминува низ градот Крива Паланка и треба да срушат 20 куќи.

Историјат на пругата кон Бугарија

Во периодот 1994-1996 година, донесен е Законот за обезбедување на средства за финансирање на Програмата за изградба на железничката пруга до Бугарија, во 1994 година биле склучени вкупно 26 договори и 51 анекси на договорите меѓу ЈП МЖ Инфраструктура – Скопје, како инвеститор и фирмите изведувачи на работите за различни секции и различни градежни позиции. Договори имале склучено, „Ремонт на пруги“ – за делницата од Куманово до Бељаковце, Бетон, Маврово, Гранит и Пелагонија за делницата од Бељаковце до Крива Паланка.

Со договорите и анексите, фирмите биле обврзани да ги изработат основната техничка документација и да ги изведуваат градежните работи, во вкупен износ од 161,5 милиони долари, иако согласно донесениот закон за заем требало да чини 120 милиони долари. Во Буџетот на државата, почнувајќи од 1994 година до 2003 година, континуирано се обезбедувале средства со намена за реализација на овој проект Изградбата на пругата стопирана во 2004 годинаСо буџетот за 2004 година е прекинато со обезбедување на пари за изградба на пругата кон Бугарија.

Тогашното раководство на ЈП „Македонски железници“, со допис од 27.03.2004 година ги информирало градежните фирми дека: „Македонски железници не располагат со активни финансиски средства за изградба на железничката пруга Куманово-Крива Паланка-граница со Република Бугарија.

Неизвесна е и финансиската конструкција за обезбедување на средства за тековната 2004 година. Со оглед на тоа предлагаме започнатите работи да се стават во мирување.

-Доколку Вие одлучите, а со оглед на новонастанатата финансиска состојба можете одредени позиции да ги доработите за да се доведат започнатите објекти во безбедна состојба.“, стои во дописот што МЖ го испратило до гртадежните компании што биле ангажирани.

Колкави штети се направени?

Откако работите на терен беа стопирани, почна да пропаѓа и тоа што беше изградено. Сите влади, речиси да не одвојуваа пари за да се заштитат мостовите и тунелите што беа изградени пред да се стопира финансирањето на овој проект.

Според анализите кои во 2009 година ги има направено надлежните институции во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, штетите кои се направени поради едностраниот прекин на работите изнесуваат околу 20 милиони евра. При тоа во анализитес е потенцира дека штетите се должат на должат на бројните судски спорови кои ги имаа покренато градежните фирми против ЈП „МЖ Инфраструктура“ како и отштетни побарувања.

Дополнително, на оваа сума треба да се вкалкулираат и авансите од околу 9 милиони евра што се дадени на градежните фирми, а кои не се релизирани. Но, владата на ВМРО-ДПМНЕ тогаш се пофали дека договорите кои беа склучени помеѓу ЈП „Македонски железници“ и градежните фирми во 1994 година, успела вонсудски да ги раскине, без никакви дополнителни трошоци.

Нова физибилити студија

Во периодот од 2009 до 2012 година повторно се актуелизира изградбата на пругата кон Бугарија. Изработени се, физибилити студија и студија за оценка на влијанието врз животната средина и социо-економскиот живот за делницата од Кичево до Лин, граница со Република Албанија, како и физибилити студија и студија за оценка на влијанието врз животната средина и социо-економскиот живот за делницата Куманово-Деве Баир во 2011 година.

Во 2012 година, тогашниот министер за финансии Зоран Ставревски најавувајќи проект за рехабилитација на делницата Куманово-Бељаковце во должина од 31 километар, рече дека пругата кон Бугарија станува реалност.

Но речиси во секој државен буџет беа предвидувани пари за пругата, но потоа беа пренаменувани за други потреби.

За предвремените парламентарни избори во 2016 година СДСМ вети дека во првите две години од мандатот ќе ја доврши реконструкцијата на пругата од Куманово до Бељаковце, што започна во времето на претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Но, наспроти прогнозите изградбата на оваа прва делница од пругата кон Бугарија се пролонгира и во 2020 година, но сепак се заврши..

Делницата од Крива Паланка до Бугарија пак е долга 27,5 километри, а вклучува 22 тунели во вкупна должина од околу 9 километри и уште 52 мостови/вијадукти во должина од 5 километри. Исто така, треба да се изгради и железничка станица во Крива Паланка, како и станица во с. Жидилово.

Парите кои се потребни за изградбата на оваа делница, над 500 милиони евра, се веќе обезбедени: по 175 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), 149,2 милиони евра како инвестициски гранд од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) и 60,2 милиони евра од ИПА 2 програмата на ЕУ, а тендерот беше објавен во декември 2023 година

Во Македонија досега не постои друг проект којшто добил толку големи финансии од ЕУ за да се спроведе неговата реализација. Но, заедно со средствата, постојано пристигнуваат и критики од европските власти за брзината на реализација на пругата кон Бугарија.

Пругата кон Бугарија е проект рекордер ветуван од сите политичари во нивните изборни програми. Со текот на годините премиери удираа камен темелници, ветуваа дека пругата станува реалност, се одвојуваа пари за тоа во секој државен Буџет, но потоа парите се пренаменуваа за други цели. Бугарија речиси го заврши својот дел од пругата, но не и Македонија.

Од другата страна пак само за програмскиот период 2014-2020 година обемот на европското финансирање за Бугарија достигна 700 милиони евра. Модернизирани и реконструирани се бројни железнички делници, имплементирани се интелигентни системи за сигнализација и комуникација, а зголемена е брзината на железничката мрежа. Единствената делница од 2,5 километри што се уште не е готова е од станицата Гуешево до границата со РСМ.

Коридор 8 е оската што треба да ги поврзе Албанија и Бугарија, преку Македонија

Доколку се комплетира железничката пруга, тоа ќе ги зголеми опциите на државите при транспорт на стоки, трговијата, а би влијаело и на бројот на туристи.

Г.Р.

 

 

 

АКТУЕЛНО