Search
Search

Граѓаните се жртва на војната за ѓубрето меѓу градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска

Скопје со недели изгледа како голема депонија и се дави во отпад, а ситуацијата се влошува со високите температури. Од комунална хигиена постојано пак испраќаат соопштенија за собрани илјадници тони отпад и за непрописно одлагање на отпадот во голем број општини.

Во текот на вчерашниот ден градоначалниците на општина Бутел и Чаир, а денеска и на Кисела Вода реагираат дека отпадот не се собира редовно, се шири неподнослива миризба во секоја општина. 

Кој е виновен?

Најголемата штета од актуелниот конфликт е тоа што граѓаните уште година ипол ќе чекаат реализација што веројатно нема да се случи на проекти како пречистителна станица, забавен парк, мега паркови, подобар јавен превоз, со еден збор „Модерно Скопје“.

Арсовска на локалните избори победи поради огромната поддршка од членството на ВМРО-ДПМНЕ и ветувањата за зелено Скопје, чиста вода и запирање на бетонизацијата.

Откако Арсовска ги разреши од функциите секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски и в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација Златко Перински во 2022 година поради несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во тендерот од 136 милиони евра за изградба на Пречистителна станица во Скопје,  лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска премиер им даде поддршка на Перински и Велковски и рече дека верува во нивното чесно работење. Во врска со соработката со Арсовска тој рече дека постојат моменти кога очекувањата нема да се исполнуваат. Тоа значеше дека ВМРО-ДПМНЕ ги оставија скопјани на милост и немилост на Арсовска, нивната кандидатка која според нив од одлична менаџерка се претвори во неспособна градоначалничка.

Градоначалниците на Кисела Вода и Бутел најгласни

Ѓорѓиевски вели дека проблемот со ѓубрето е  резултат на несовесното работење на ЈП „Комунална хигиена“ и градоначалничката на Скопје, кои се грижат за хигиената во главниот град.  Тој потсети дека минатата година, кога комуналците штрајкуваа, градоначалниците сами се обидоа да го соберат ѓубрето што стоеше несобрано и дека нема да дозволи ова да се случи повторно.

– Бидејќи во нормална комуникација немаме никаква реакција, во текот на изминатите денови испративме комунален инспектор да ја провери состојбата на терен. Увидовме дека ситуацијата е катастрофална и поради тоа понесовме прекршочна пријава до „Комунална хигиена“ и ова ќе биде наша пракса и следните денови ако состојбата на се подобри. Секое непостапување ќе значи нова прекршочна пријава – вели градоначалникот на Кисела Вода.

Општинскиот сектор за инспекција издал прекршочен платен налог во износ од 1500 евра за јавното претпријатие.

Слични обвинувања имаше во текот на вчерашниот ден и од страна на градоначалниците на Бутел и Чаир.

ЈП Комунална хигиена-Скопје пак постојано праќа деманти

-ЈП Комунална хигиена-Скопје ја информира јавноста дека на територијата на општината Чаир, комуналниот отпад секојдневно се собира и транспортира без никаков застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје. Само во текот на месец јуни 2024 година, од подрачјето на општината Чаир се подигнати и транспортирани вкупно 1500 тони комунален отпад. Воедно, во оваа скопска општина секојдневно се реализираат и рачно и машинско метење, како и машинско миење на булеварите и улиците со употреба на автоцистерни, во согласност со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје. Како што досега во повеќе наврати ги информиравме медиумите, ЈП Комунална хигиена-Скопје во изминатиов период се соочува и со појава на тенденциозно непрописно одлагање отпад на јавни површини којашто резултира со енормно зголемена појава на диви депонии, што е особено изразено во општината Чаир, велат од претпријатието.

ЈП Комунална хигиена-Скопје  ги демантира наводите на градоначалникот на Општината Бутел, којшто според нив на својот фб-профил наведува целосни невистини поврзани со одржувањето на хигиената во оваа скопска општина.

-ЈП Комунална хигиена-Скопје ја информира јавноста дека на територијата на скопската Општина Бутел комуналниот отпад континуирано се собира и транспортира без никаков застој, односно во согласност со динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје, усвоена од страна на Советот на Градот Скопје. Екипите на Претпријатието со месеци наназад се исклучително активни и преку спроведување вонредни активности во оваа скопска општина, каде што само во текот на изминатите десет дена се подигнати приближно 100 кубни метри отпад од повеќе диви депонии, лоцирани на булеварот Босна и Херцеговина – во близина на СУГС „Зеф Љуш Марку“ и кај социјалните згради, на улицата Радишанска – на двата влеза и кај Спортската сала, како и на слепата улица Цетинска. Би сакале да напоменеме и дека ЈП Комунална хигиена-Скопје во никој случај не прави селекција според политичката определба на граѓаните, туку редовно и навремено ги  спроведува своите активности подеднакво во сите скопски општини, велат од општината.

Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена-Скопје апелираат до несовесните поединци да престане тенденциозното непрописно одлагање отпад на јавни површини со коешто масовно се соочуваме во текот на последните неколку месеци,  а го повикуваме и споменатиот градоначалник на општината Бутел да ги активира на терен инспекциските служби при општината коишто се надлежни и задолжени да го санкционираат секое прекршување на Законот за јавна чистота.

АКТУЕЛНО