Неделата на циркуларната економија на Западен Балкан започна денеска, а до 26 мај ќе ја одбележат низа паралелни активности во повеќе земји од Западен Балкан, под заедничкото мото „Партнерство за циркуларност“. ЛогЕкс (LogEx) заедницата во чиј состав влегуваат повеќе од десет големи граѓански организации, меѓу кои е ЦИВИЛ, експерти, универзитети и бизниси, преку еднонеделните активности ќе понуди нови идеи и решенија за одржливи практики. Сите тие веруваат дека преку концептот на циркуларната економија може да се обликува новата, зелена иднина на Западен Балкан.
Регионалната иницијатива ЛогЕкс(LogEx), формирана од Балкан Форум во 2021 година, има цел да го револуционизира пристапот на Западен Балкан кон одржлив развој, преку промовирање на практики на циркуларната економија. Со здружување на различни актери, вклучувајќи ја и академијата, граѓанските организации, медиумите, бизнисот и експертите, Неделата на циркуларна економија има за цел негување на соработка и поттикнување значајни промени во регионот. Овие активности се спроведуваат со поддршка од Rockefeller Brothers Fund.
Членките на ЛогЕкс (LogEx) заедницата се: The Balkan Forum (СБ), Build Green Group (Албанија), CENER 21, COD Jajce (Босна и Херцеговина), CIVIL / Green CIVIL (Северна Македонија), Universum International College (Косово), YIHR (Србија), ADP-Zid (Црна Гора).
Тие оваа недела ја одбележуваат преку конференции, интерактивни работилници, обуки за млади претприемачи, онлајн активности за значењето и потребата од циркуларна економија.
Балкан Форум и Универзум
Конференцијата „Циркуларна економија и одржливост“ се одржа денеска како почетен настан на Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан, во организација на Балкан Форум и Универзитетот Универзум.
Учесници на конференцијата беа претставници од регионот на Западен Балкан и ЕУ.
Конференцијата има за цел да ја зајакне јавната свест за потребата да се движиме од сегашниот линеарен економски модел кон модел на циркуларна економија со нула отпад преку придонесување за одржливост.
Зелен ЦИВИЛ/ЦИВИЛ
Зелен ЦИВИЛ, организациска единица на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Неделата на циркуларна економија ја стартуваше со прес конференција на која ги најави активностите што ќе ја одбележат Неделата во Северна Македонија.
Конференцијата насловена „Визии за зелена иднина: Партнерство за циркуларност“ ќе се одржи утре, 23 мај, со почеток во 10 часот. Учесници на Конференцијата се високи претставници од владата, бизнис секторот, медиумите и граѓанското општество и ќе говорат во четири получасовни сесии. објавување и промоција на публикација со истиот наслов, како и интензивна медиумска продукција. Конференцијата ќе се пренесува во живо, на Фејсбук и Јутуб каналите на ЦИВИЛ.
Зелен ЦИВИЛ продуцираше два документарци за успешни бизниси кои вклучуваат модели на циркуларната економија во нивната работа, што ќе бидат објавени на 25 и 26 мај. Неделата на циркуларна економија Зелен ЦИВИЛ ќе ја проследи со интензивна медиумска продукција и објавување и промоција на публикација со истиот наслов.
(CENTER 21) Центар 21, Центар за енергија, животна средина и ресурси, Сараево, Босна и Херцеговина
Граѓанската организација, Центар 21. Неделата на циркуларна економија ја одбележува со дводневна интерактивна работилница за обединување на заштитата на животната средина и претприемништвото. На работилницата предводена од експертката Амела Искриќ Хаџиќ, учесниците ќе добијат вредни сознанија за бизнисите засновани на циркуларната економија. За иновативните решенија и бизнис планови за зелено претприемништво, најкреативните идеи ќе добијат награди, а сите учесници сертификат за учество.
Build Green Group
Граѓанското здружение од Албанија, Build Green Group, организира младинската обука „Партнерство за циркуларност“ наменета за млади поединци кои се страстни за одржливост и заинтересирани да научат повеќе за циркуларната економија. Учесниците ќе имаат можност да се вклучат во интерактивни работилници, да слушнат од стручни говорници и да соработуваат со колегите за да го истражат концептот на циркуларност и неговата примена во контекст на бизнисот. Преку студии на случај и практични вежби, учесниците ќе стекнат подлабоко разбирање за циркуларните деловни модели, принципите на кружен дизајн и циркуларно управување со синџирот на снабдување.
Овој преглед содржи само еден дел од големиот број активности што ќе се спроведат во рамките на Неделата на циркуларната економија на Западен Балкан, што оваа година се одржува по втор пат.
Извор: Civil Media