Search
Search

Град Скопје по три дена конечно додели шест милиони денари за Турција и Сирија

Советот на Град Скопје на денешната вонредна седница конечно по три дена одлучи да додели парична помош во вкупен износ од шест милиони денари за настраданите од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија, односно по три милиони денари за двете земји.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, на денешната седница посочи дека паричната помош ќе се реализира преку уплата на средствата на Фондот за солидарност на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, на денот кога се случи земјотресот изрази само сочувство за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија, и истакна дека е испратено барање до градскиот совет на следната седница да одлучуваат за хуманитарна помош за настраданите. Но, тоа се случи сега по три дена.

Арсовска како помош испрати само пет пожарникари во Турција, кој ја сочинуваат противпожарна бригада на Град Скопје.

За разлика од Скопје, од општина Гостивар јавија дека за Турција се заминати осум пожарникари од Територијалната противпожарна екипа, заедно со хуманитарна помош. Исто така и од општина Штип истакнаа дека пет пожарникари од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) се веќе заминати. Градоначалникот на Тетово Билал Касами уште вчера напиша дека Советот на општина Тетово на вонредната седница додели средства во вредност од 1 милион денари за турскиот и сирискиот народ.

Исто така и од Дирекцијата за заштита и спасување јавија дека испратиле тимови во состав од 39 обучени и опремени спасувачи во Турција, каде треба да помагаат во спасување на преживеани од под урнатините по разорните земјотреси што ја погодија земјата.

АКТУЕЛНО