Денеска е тажен ден, над 2.000 жртви во разорните земјотреси во Сирија и Турција. И наместо Скопје, градот на солидарноста најмногу да сочувствува со нив, одлуката за помош заглави во административните процедури.
Седницата на Советот на Град Скопје за помош кон настраданите турски граѓани по разорниот земјотрес во Турција е закажана дури за утре, а доцнеше и координативната седница закажана од претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, која почна нешто по 15 часот.
Последна меѓу политичарите се јави и градоначалничката Данела Арсовска, која претходно го повика советот да одржи вонредна седница иако Скопје е градот кој беше погоден од катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година, и секогаш досега брзо се реагирало и се помагало на секоја земја во рамки на можностите.
Со објава на Фејсбук, градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, која откако изрази сочувство за настраданите од земјотресот во Турција, истакна дека е испратено барање до градскиот совет на следната седница советниците да одлучуваат за хуманитарна помош за настраданите.
ЦИВИЛ Медиа упати прашање до Град Скопје по однос на ова тема, дали Град Скопје преземал некакви активности или иницијативи за помош на турскиот народ и Турција? Но, не добивме одговор.
Од друга страна советничката група на СДСМ и коалицијата, како и советниците од политичката партија ДУИ и советници од ДОМ и ЛДП, поднесоа барање за свикување на итна седница на Советот на Град Скопје.
Според нивната Предлог Одлуката се предвидува, како израз на солидарност кон граѓаните на Република Турција, од подрачјата зафатени со катастрофалниот земјотрес да се додели парична помош во износ од шест милиони денари, односно близу 100.000 евра.
Пред 4 години кога се случи земјотресот во Албанија, точно ноќта на 26 ноември 2019 година, Советот на Град Скопје, веднаш на 27 ноември, донесе одлука да се обезбеди помош за настраданите од катастрофалниот земјотрес во Република Албанија.
Во рамките на технички можности уште во текот на истиот ден Град Скопје упати две екипи во Драч. Едната екипа беше составена од 4 пожарникари, додека втората екипа беше составена од технички лица кои управуваа со термалните дронови и со термалните камери.
Оваа одлука, како што изјави тогаш Шилегов, е износ кој традиционално го доделува Град Скопје во вакви случаи, а тоа е 3 милиони денари.