Search
Search
Фото ГТЦ

ГТЦ лани работел со загуба, ама според раководството тоа било всушност добивка?!

Според објавените финансиски резултати на сајтот на Македонската берза, АД Градски трговски центар, лани остварил вкупни приходи од 234.969.000 денари (3,7 милиони евра) кои се поголеми за 2% во однос на претходната 2021 година. Од друга страна, вкупните трошоци забележале раст од три проценти, односно изнесувале околу 4,4 милиони евра.

Но, наспроти образложението, каде децидно е наведено дека е остварен негативен финансиски резултат во 2022 година, директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, во изјава за ТВ „24“ објаснува дека всушност биле во добивка, а „минусот“ се должел на амортизацијата.

– Старост на објектот, финансиски така се гледа, како старее објектот, така амортизацијата се зголемува, а добивката, ако ја тргнеме амортизацијата на страна, тогаш ГТЦ е со добивка од 4 милиони денари. Долгови има кон добавувачи, но сето тоа се редовно се сервисира на месечно ниво – објаснуваат од АД ГТЦ.

АД ГТЦ управува со околу една третина од дуќаните во трговскиот центар. Тој лани беше центар на контроверзи кога полицијата проверуваше дали во подрумот нелегално се „копале“ криптовалути, а и покрај што беа објавени снимки од опремата, МВР соопшти дека немало копање за биткоини.

Директорот, Трајчевски ги отфрли сите обвинувања дека некој копал криптовалути и биткоини.

Сепак, сопствениците на дуќани во ГТЦ прашуваа дали тие морале да ги плаќаат огромните сметки за струја. Случајот, со кој неофицијално се поврзуваше компанијата на Елвис и Габриел Бајрам, кој е и советник во Град Скопје, немаше никаква разрешница.

 

АКТУЕЛНО