Search
Search

Ина Многуфина ја искара Арсовска, па ЈСП се јави со објаснување за неработењето на жичницата до Водно

Инфлуенсерката Ина Многуфина, која на социјалните мрежи има голем број следбеници, објави статус во кој вели дека денеска била на Водно, но жичницата не работела, и посочи дека никаде немало објавено дека жичницата нема да работи.

Откако инфлуенсерката Ина Многуфина ја искара градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, дека никаде нема информација оти жичницата до Водно не работи, час подоцна се јавија од ЈСП „Скопје“, под чија надлежност е жичницата, со објаснување.

„Ве информираме дека Жичницата на Водно од 12 часот е во функција, откако претходно времено не превезуваше патници поради автоматска надградба и рестартирање на софтверскиот систем на објектот.

Таа процедура вообичаено трае 15-30 мин, но денеска, поради непредвидена ситуација, малку се одолжи“, велат од ЈСП на Фејсбук.


Но, еден час пред тоа, Ина Многуфина скоцка едно послание во нејзин стил:

„Здраво Данела Арсовска, извини може те прекинувам во некоја битна работа низ градов, хаха, се зезам, знам дека не работиш. Туку, јас не знам дали знаеш, се качувам на Водно и после се симнувам со жичара пошо ме болат коленцата. Исто така не знам дали знаеш дека жичарата има денови кога не работи, а за сите други измени во работното време треба да се известат граѓаните односно јавноста пошо вие сте во служба на јавноста затоа се викате јавни службеници.

И денес Дано, одам јас, нагоре нагоре, два пати липсав, еднаш нешо ми шушкаше, со сите реков “добар ден”, стигнав, крави пасеа горе, и жено замисли жичарата не работи. Отварам по социјални мрежи, отварам сегде да видам каде објавиле овие твоите, ништо. А јас знам дека ти се разбираш од дигитал и ги знаеш бенефициите и моќта од истиот како информативен канал. Како и да е Дано, седам јас и сфаќам ќе се симнувам пешки. Ми се стемни. Времето не ми е планирано за пешки, имам обврски и јас, коленцето ме боли, вода неам, а горе не работи ништо, и тргнувам јас Данче моја по уздолницата. Стигнав да не ме мислиш, све ме боли. Сега, кажи му на тој директорот на ЈСП да дојде да ми ги масира нозете додека не му кажам доста, провери си зошто не ти работат службите, веројатно со автобусине до средно имаат отидено и пензионери и родители кои џабе дошле, и еднаш засекогаш разберете дека вие сте во служба на јавноста која треба да ја информирате. Затоа сте јавни службеници. Остај што ве тапшаат по дома дека сте битни фаци. Не сте, во служба сте на народот и имате обврски према него. Утре ако уште ме болат нозете пак ќе ти пишам. А да, да не заборавам, немојте да објавите нешто од типот дека жичарата е во квар пошо не е, проверив. Следниот пат ко ќе се качам ако пак не работи, ќе те барам да го пратиш тој од ЈСП да дојде да ме земе и да ми донесе вода“, напиша таа на Фејсбук.

 

Ина Многуфина има многу следбеници на социјалните мрежи и често знае да ги „пецне“ политичарите, кога нешто во државава не функционира како што треба. Подобро им е да не се чепкаат со неа.

АКТУЕЛНО