Зеленчукот и овошјето останаа во магацините. Капијата отворена, купците ги нема.
Инспекторите не го зеле зеленчукот и овошјето, но ги одземале сите фактури од увозниците под сомнеж дека лажирале цени пред царинската управа.
Придружувани од полиција, три часа по полноќ инспекторите упаднале со кај фирмите увозници кои имаат претставништва на кванташкиот пазар.
Саботната акција се одвива на територијата на целата земја.
Додека инспекторите проверуваат, газдите увозниците молчат.
Ги избегнаа камерите за одговори дали знаеле или биле дел од оваа шема за криење на данокот.
Но, во разговор со новинарите признаа дека морале да прикажуваат фактури со пониска цена, само за да платат пониски давачки при увоз со цел цената на компирот, кромидот, пиперката и доматот да биде достапна за граѓаните.
Но, инспекторите бараат докази како се лажирала увозната цена на зеленчукови производи, а царинската управа трага колку пари затаиле увозниците преку плаќање помал данок во овој сектор.
За Телма потврдуваат дека ќе има и прекршочни и кривични пријави, но засега е непознато за колкава сума е оштетен буџетот на државата.
„Во врска со изнесените сомневања дека се приложувани лажни фактури при увозот на одредени производи, во царинската управа во тек е постапка за дополнителна верификација на декларираната вредност кај царинските администрации на земјите од каде се извезени овие производи и доколку се потврдат сомневањата, ќе се покрене постапка за дополнителна наплата и утврдување на прекршочна или кривична одговорност во зависност од износот на избегнатите давачки,“ велат од царинската управа за Телма.
Акцијата следи само неколку часа откако министерот за економија Крешник Бектеши се сретна со увозниците кои пак реагира дека замрзната цена на дел од основните земјоделски продукти е прениска и неисплатлива.
Најавите се дека по утврдување на реалната цена на производите од понеделник ќе се корегира и замрзнатата цена на дел од производите особено замрзнатата цена на доматите и краставиците.
Бектеши призна дека со тоа што дел од увознците прикажувале лажни пониски фактури пред Царинската управа, се создала погрешна слика за тоа колку точно тие требало да поевтина. Реалните фактури пак покажале зголемени увозни давачки и затоа е неопходна корекција. Најчесто увоз се прави од Србија, Грција, Албанија, Турција. Но, Бектеши уверува дека во слендиот период тој ќе биде намален. На почетокто на неделава Владата одлучи доматите да не може да се продаваат повеќе од 70 денари, исто и карфиолот.