Радионовинарката Мира Костиќ по 43 години работа пред три години замина во пензија. Целиот свој работен ангажман таа го помина во истата куќа, Македонското радио. Костиќ е специфична и по тоа што речиси три децении беше собраниски известувач што ја прави и новинарка со најдолг стаж во парламентот.
Претседателот на Собранието Талат Џафери тогаш и даде благодарница за долгогодишно професионално известување од Собранието, букет рози и врамена фотографија со нив двајца и новинари – собраниски известувачи.
Нејзините колеги, собраниските известувачи од другите медиуми ѝ подарија портрет, со диктафончето во рака закачено на антена бидејќи таа за да не се испречува пред помладите колеги додека зема изјава на врвот од метална прачка – антена, која можеше да се попушта и собира, таа го врзуваше својот диктафон, за полесно да ги зема изјавите.
Мира е претставник на една генерација новинари во чие време беше престижно да се биде собраниски известувач.
Со Костиќ поразговаравме за случувањата во парламентот во изминатите 40 години, за настаните, за собраниските состави, за претседателите, за новинарите, за награфите но и за “крвавиот четврток”…
Со оглед на тоа што имате искуство од 30 години следење на настаните од Собранието, дали може да наведете некои од настаните што се известиле , а што не сте биле рамнодушни?
Костиќ: Иако новинарот не треба да дозволи да го понесат емоции и да биде со „студена глава“ за да може максимално да го задржи нивото на професионалност и објективност, во текот на мојата четиридецениска новинарска кариера имаше многу такви настани, но би издвоила неколку кои едноставно не можат да бидат потиснати од заборавот. Прво би го издвоила распадот на поранешната СФРЈ и сите грди и насилни случувања што го одбележаа, вклучувајќи го и заминувањето на поранешната ЈНА од Македонија. Во тие драматични денови јас и моите колеги бевме речиси деноноќно на работа обидувајќи се да добиеме релевантни и точни информации за да не предизвикаме дополнителни тензии и паника кај оние што не слушаа, а ги имаше многу- во тоа време Радиото имаше над 300.000 слушатели. Потоа, се случи атентатот врз првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров, за среќа неуспешен. Се најдов на местото на настанот нецели 40-тина минути. Се разбира тешко е да се остане рамнодушен на сликата што ја видов, но како велат “новинар си собери се и реферирај на програма, за емоции има време”, зашто во прашање беше опстанокот на државата. Не помалку драматично беше и загинувањето на претседателот Борис Трајковски со сите негови соработници и екипажот. Во меѓувреме, се случи 2001-та и воениот конфликт во земјава. И тогаш со колегата Зоран Таневски за нецели 2 часа се организиравме и пристигнавме во Тетово од каде што се почна. Атмосферата беше зовриена, иако во првите моменти не се знаеше што навистина се случува. Во деновите што следеа видов многу човечки маки што не избираа националност. Потоа конфликтот се префрли во Куманово се случија повеќе грди и немили настани, многу луѓе загинаа, од денешен аспакт, ни криви ни должни. Дури во еден момент, сакајќи да бидам на висина на задачата и мојот живот беше доведен во опасност, но тогаш најмалку размислував за тоа. Ми беше битно да пренесам точна и автентична информација. Но, од една временска дистанца, јас се имам впечаток дека сум бил статист во лошо режиран филм, без да бидам прашана дали сакам или не. Би ги издвоила и насилното бркање на пратениците во 2012-та кога бев единствениот новинар кој со свои очи виде што се случува, зашто бев во Собраниската сала, а не на галерија од каде новинарите беа избркани, како и 27 април. Сепак, меѓу сиве овие немили настани имаше и еден „убав“, кога се прогласија резултатите од референдумот за осамостојување на Македонија и кога Радиото ги објави пред Државната изборна комисија. Во тие моменти не може човек да стане рамнодушен и да не се гордее со својот медиум.
Со оглед на тоа што сега имаме блокади, опструкции и пратеници со меѓусебни навреди, може ли да ни кажете кој беше најдобриот пратенички состав во текот на вашата кариера?
Костиќ: Дефинитивно првиот пратенички состав. Можеби според структурата и нивото на образованието, заостануваа во споредба со сите наредни состави на Парламентот, но тие тогашни пратеници, имаа визија што треба да направат и мисија како да го реализираат тоа. Дури и кога си контрираа го правеа тоа на културен, а понекогаш и на комичен начин. Затоа ја заслужуваат сета почит.
Секако дека ги знаете настаните што се случија на 27 април, како ги оценувате тие настани, и воопшто атмосферата што доведе до политичко насилство?
Костиќ: Да, настаните на 27 април пренесоа мошне грда и непримерна слика за нашето Собрание и ќе останат запаметени како црна дамка во практикувањето на парламентаризмот. Бидејќи едно е да имаш спротивно мислење од политичкиот опонент, а сосема друго тоа да го спроведеш со насилство, па дури и со инструментализација на луѓе од кои верувам многумина и не знаеја зошто се таму. Не дека во други парламенти во светот дури и со високо ниво на демократија нема тепачки и тие главно се меѓу пратениците. Кој ќе понесеше одговорност, ако настаните резултираа со фатални последици, што лесно можеше да се случи?Кој ќе беше победник, а кој поразен? Како и да е, тој настан не треба да се заборави за никогаш веќе да не се повтори.
Можете ли да ни кажете кој според Вас бил најдобар претседател на Собранието во овие 30 години?
Костиќ: Секој претседател на Собранието има оставено белег во својот мандат и би било некоректно да издвојам само еден. Сепак, ако ми дозволите би ги спомнала првиот спикер Стојан Андов и актуелниот Талат Џафери, пред се поради доброто менаџирање на одредени ситуации, но и поради не ретко симпатична комуникација со пратениците на седниците проткаена со хумор и неконвенционалност.
Како го оценувате воопшто новинарството кај нас?
Костиќ: Многу одамна јавно забележав дека медиумскиот плурализам и конкуренцијата се добра и потикнувачка работа, за да нема само еднаш и за секогаш дадена вистина од одредени центри на моќ. Но Македонија е многу мала држава за толкав број медиуми, а особено во последно време и поплава на портали. Се плашам да не се удавиме..ха, ха. Шегата настрана. Во услови на поголема понуда – мислам на новинари-опаѓа квалитетот на производот, се разбира и на цената. Па така, имаме плагијаторство, некритичко преземање на информации, не објавување деманти, игнорирање на основното правило во новинарството за застапенот на втората страна, што ќе рече непочитување на Кодексот на ЗНМ. Знам дека немам многу истомисленици, но можеби е конечно дојдено времето за воведување лиценци, за да си ја заштитиме професијата , а со тоа и јавноста, од натрапници, да не кажам некој потежок збор. Бидејќи за мене новинарството е прекрасна професија која бара и многу знаење, многу напор и пожртвуваност, но за жал и неадекватно вреднувана. Затоа, тој што не е подготвен да биде на висина на задачата, чесно е да си замине навреме и да му го отстапи местото на вистинскиот професионалец
И ако сте во можност да ни кажете сите награди и признанија што сте ги добиле. И настан (случка) во вашата кариера што би сакале да го раскажете?
Костиќ: Да се биде сведок и активен субјект на едно време не е мала работа. Затоа, мојата најголема награда се подршката и признанието што го добивав и се уште го добивам од аудиториумот-публиката која имаше трпение да ме слуша 40 години. Верувајте нема поголемо задоволство кога ќе ве препознаат по гласот и ќе ви кажат дека не можеле да оценат на која „страна“ сте биле. Тоа значи сте ја погодиле целта. Сепак и официјалните признанија многу значат и мотивираат. Добитник сум на државната награда Мито Хаџи Василев Јасмин за која ме предложија поголема група собраниски репортери што е посебна чест за мене, потоа со група новинари добитник сум и на наградата К.П. Мисирков и за животно дело од ЗНМ. Ми претставува особена чест и признанието од Собранието и претседателот Талат Џафери за професионалниот однос и известувањето од оваа клучна институција во правниот поредок на земјава, што прв пат се случи. За мене тоа беше изненадување што ми беше приредено на мојот последен брифинг кај претседателот на Собранието Талат Џафери и непосредно пред заминувањето во пензија.
Назми Абдурахмани