Search
Search

Каде се наоѓало Еврејското маало во Скопје – Помладите не го паметат, постарите раскажуваат со емоции

Помладите генерации не паметат, или можеби нешто им останало во сеќавањата од приказните што најстарите ги раскажувале за еврејското маало во Скопје.

Градска редакција ви носи неколку носталгични и архитектонски фотографии кои сведочат за постоењето на оваа прекрасна населба во срцето на Скопје.

 

Еврејското Маало се наоѓало лево од Камениот мост, во правец на Старата скопска чаршија и наспроти маалото Ибни Пајко. Маалото било формирано уште во средниот век. За тоа се дознава од натписот закачен на скопската синагога „Бет Ахарон (Бет Арон)“, во кој е наведено дека објектот на оваа синагога за првпат бил подигнат во предосманлискиот период, односно уште во 1366 година, а дека во 1628 и повторно во 1637 година бил обновуван.

Тоа покажува дека еврејската заедница во Скопје постоела и пред доселувањето на Евреите од Иберискиот Полуостров кон крајот на 15 век. Кога во 1892 годинасе копале темели за некоја куќа во Пајко Маало, биле пронајдени „коски и гробови со натписи слични со изгледот на еврејското писмо, коешто, впрочем, не можеле да ги прочитаат и самите Евреи“.

Ова укажува на фактот дека Еврејското Маало се наоѓало на овој простор и во предосманлискиот период, а дел од просторот на Пајко Маало, всушност, служел како еврејски гробишта. По протерувањето на Евреите од Иберискиот Полуостров (1492), се зголемил и бројот на скопската еврејска заедница.

Маалото го изгубило својот еврејски идентитет по депортирањето на неговите жители во концентрациониот логор „Треблинка“ во март 1943 година. По земјотресот од 1963 година, маалото било разурнато и на негово место била подигната меѓуградската автобуска станица. Денес на нејзино место се наоѓа Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Н. А.

 

 

АКТУЕЛНО