Search
Search

Калдерон од „Алкараз енерџи“ нема одговор по која цена ќе го изнајмуваат земјиштето каде ќе градат ветерници

„Алкараз енерџи“ (Alcazar Energy Partners), водечкиот инвеститор во обновливи извори на енергија во пазари во развој, го објави почетокот на инвестицијата на најголемиот парк на ветерници во Северна Македонија со капацитет до 400MW. Проектот претставува клучен чекор во компаниската цел да ја развие најголемата платформа за обновливи извори на енергија во Западен Балкан.

Инвестицијата, што ќе ја надмине бројката од 500 милиони американски долари, ќе биде најголема во Македонија, а со тоа и еден од најголемите проекти во Западен Балкан. Македонскиот капацитет ќе се зголеми за пет пати кога ветерниците ќе бидат целосно оперативни.

Иако на официјалната страница на „Алкараз енерџи“ е најавено дека изградбата на ветерниот парк ќе почне во 2026, денеска во Скопје како инвеститори најавија старт на изградбата во втората половина на идната година. Првата струја, пак, се очекува да се произведе во втората половина на 2027.

Калдерон немаше одговор за која цена тие како инвеститори ќе го изнајмуваат земјиштето каде ќе никнат ветерниците.

„Прашањето поврзано со набавка на земјиштето, не е до нас најчесто. Често пати се врши закуп на земјиштето, им се плаќа на оние локални заедници низ кои поминува оваа електрана за целиот животен век на една електрана, што најчесто е 20 до 30 години“, рече извршниот директор на „Алкараз енерџи“.

Ако ја дочекаме реализацијата на оваа идеја, ветераната на 75 километри од Скопје, ќе ја  унапреди инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија, и ќе даде значителен придонес во намалувањето на емисиите на стакленички гасови во земјата. Проектот се проценува дека ќе создаде повеќе од 630 работни места во градежништвото и штом ќе биде оперативен, ќе произведува доволно чиста енергија за напојување на над 100.000 домаќинства годишно, притоа избегнувајќи ослободување на преку 670.000 тони CO2-eq годишно.

Инаку, за да биде уште појасно, Алказар Енерџи е инвестициски фонд, со фокус на инфраструктурни проекти во енергетиката. Но за да реализира некоја инвестиција, како и секој од овој тип инвестициски фондови, „собира“ пари од други извори кои не мора да се банки. Затоа парите за ветерниот парк кај Штип, ќе се собираат до крајот на 2025 година.

АКТУЕЛНО