Search
Search

Катастар ги негира обвинувањата на Арсовска: Град Скопје нема побарано, ниту добиено, пресметка за никакви податоци

Една четвртина од сопствениците на имоти во Скопје не плаќаат данок затоа што нивните имоти не се внесени во системот за наплата на даноци на Град Скопје. Според градоначалничката Данела Арсовска за ова е виновна Агенцијата за катастар на недвижности од каде не ги давале податоците за 75 отсто од имотите.

Арсовска на неодамнешниот брифинг со новинарите, но и во изјави за медиумите, се пожали дека доколку сакаат да ги добијат податоците треба да платат два милиони евра, но и тогаш би ги добиле нецелосни, без матичен број , па од нив Градот не би имал полза. Таа посочи дека податоците ги бара веќе една година, но добива само некакви оправдувања од другата страна. Градоначалничката дури јавно изрази сомнеж дека зад ваквата постапка на Агенцијата се крие нешто друго.

Ќе испливаат многу функционери, многу лица од јавниот и општествениот живот кои кријат имоти. Затоа не се даваат овие податоци – се сомнева Арсовска.

Но, од Катастар тврдат дека не се точни обвинувањата на градоначалничката и дека таа всушност со серијата јавни настапи, бара оправдување за состојбата во која го доведе градот.

Град Скопје нема побарано, ниту добиено, пресметка од страна на АКН, ниту пак информација колку би чинела вкупната сума на бараните податоци. Затоа, сумата со која градоначалничката манипулира е чиста дезинформација, поттикнување на незадоволство и прикривање на сопствените слабости. Арсовска, официјално и службено се нема обратено до Агенцијата за катастар на недвижности. Барање во архивата на институцијата не постои. Она што таа го побарала, во улога на претседател на ЗЕЛС е адресирано до Владата на Република Северна Македонија во февруари 2022 година и Агенцијата за катастар на недвижности има одговорено на тоа барање – информираат од Катастар.

Оттаму објаснуваат дека испратиле детален одговор во кој, меѓу другото, наведуваат и дека ЗЕЛС не постапуваат по дадените законски обврски во однос на Регистарот на просторни единици за кој не се доставува соодветна урбанистичко – планска документација, потоа во однос на Графичкиот регистар на градежно земјиште, за кој АКН побарала корисниците кои пристапуваат до Регистарот да се ажурираат, тоа не било направено што, според нив, може да предизвика проблеми во постапката на донесување на планската документација. И на крај, како што тврдат, во Графичкиот регистар на улици и куќни броеви не се почитуваат одредбите од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, па според нив, градоначалничката е должна да одговори зошто не постапува според позитивните законски прописи и обврските на Град Скопје.

Од Катастар укажуваат дека општините се финансираат и од сопствени извори на приходи со наплата на локалните даноци и надоместоци и такси утврдени со закон, но и дека Агенцијата за катастар на недвижности има дел кој го остварува преку самофинансирање и наплаќање на изготвени податоци. За да се излезе во пресрет на потребите на локалната самоуправа, Владата и Катастар ги намалиле цените на 20 денари по податок за секоја недвижност, односно за 60 отсто е намалена сумата која се наплаќа за овие податоци.

Не се работи за никаков попуст, туку за одлука зад која стојат Владата и Агенцијата за катастар на недвижности. Простата математика е лесно да се направи за вкупно 416.677 парцели и делови од згради чија цена по индикација е 20 денари. Или, сите 51.209 имотни листови општината може да ги добие за 210 денари по примерок. Затоа, ја упатуваме градоначалничката Арсовска да избере еден од начините и да направи нови пресметки. Покрај тоа што Град Скопје има пристап до Графичкиот регистар на улици и куќни броеви и до дистрибутивниот геопортал, Град Скопје има пристап и до база со податоци еКат, со договор од 2018 година. Ова значи дека Град Скопје ги има сите потребни информации! – тврдат од Катастар.

Од Агенцијата велат дека Град Скопје се одлучил да добие „список” на готово и притоа да ја бара вината не кај себе, туку кај сите други.

За да ги запишат своите имотир, граѓаните прво треба да ги поминат сите потребни инстанци во службите на Град Скопје, да го платат данокот, а дури потоа се впишуваат податоците во јавната книга – катастар.

Лесно е да се направи потребниот список на даночни должници. Со донесување на решението за данок, Градот веќе се стекнал со потребните податоци. Затоа, градоначалничката не треба да напаѓа други, треба да работи. Како да се сфати дел од говорот на градоначалничката на медиум дека „75% од оние што ги има во системот на Катастарот не се во нашите системи”? Можеби НЕ Агенцијата за катастар на недвижности, туку ТАА прикрива, како што самата вели: „многу функционери, многу лица од јавниот и општествениот живот кои кријат имоти”?! – реагираат од Катастар.

Но, без оглед кој е виновен и кој се правда, дали Град Скопје и Арсовска или Агенцијата за катастар на недвижности, бројките покажуваат во каков неорганизиран хаос живееме. Само 25 отсто од скопјани плаќаат данок на имот, односно еден плаќа, а тројца не!

Некој навистина треба да одговори зошто во државава се дозволува едни граѓани да бидат попривилегирани од другите и за тоа да понесе одговорност.

АКТУЕЛНО