Search
Search

Кој е македонскиот конзул кој го назначил Груевски, за кого Османи 10 дена молчи и не кажува дали е разрешен?

Сигурно името на Карлос Флорес Хубериас не сте го чуле досега, но тој е македонски конзул од 2008 година , во Валенсија, а во тоа време во цутот на владеењето беше Никола Груевски, што и ја појаснува десничарската ориентација на Хубериас како кандидат на партијата Вокс на тековните избори во Валенсија.

Хубериас од септември 2011 година е и почесен професор ( honoris causa) на универзитетот „св Кирил и Методиј“, а неколкупати бил предавач по уставно право пред македонските студенти.


Во 2013 година во канцеларијата на Центар за истражување и креирање политики ЦИКП при Школата за јавна политика „Мајка Тереза“ била организирана дискусија на која присуствувале претставници на алумни и новата генерација учесници на училиштето, меѓу кои поранешниот дипломат Ристо Никовски, близок до ВМРО-ДПНЕ како и Хуберијас на темите „Дали е потрошено посредништвото на Нимиц?“ и „Прашањето за името во компаративна перспектива“.

Сепак Хубериас малку попознат за шпанските медиуми станува како кандидат на регионалните избори во Валеснија кои треба да се одржат викендов на 28 мај,  од ултра десничарската партија Вокс ( Vox), за македонските пак воопшто. Според написите во шпанските медиуми тој е поврзан со низа скандали меѓу кои и семејно насилство, како и неговото профашистичко дејствување како член  и поранешен кандидат за Fuerza Nueva, партијата на Франсиско Франко фашистичкиот диктатор на Шпанија од 1939 do 1978 година.

Прашан од шпанските медиуми дали планира да се откаже од својата конзулска позиција на Северна Македонија, тој вели дека ќе се обрати до министерството за надворешни работи на Северна Македонија, но оттаму одговор на прашањето каков е стаусот на Хубериас не добивме дури ни за 10 дена.

Владата на Груевски му понудила конзулско место

Во едно интервју за македонските медиуми од 2014 година, тој појаснува дека  25 години е професор по Уставно право и политички науки на Универзитетот во Валенсија, но и дека е многу заинтересиран за Македонија.

-Од почетокот на мојата кариера, како истражувач, ме интересираше процесот на политичка транзиција, демократска консолидација и европска интеграција на земјите од поранешниот „социјалистички блок”. На крајот на 90-ите, а како резултат на мојата прва посета на Македонија, започна мојот интерес за ситуацијата во неа. Објавив неколку студии посветени на демократската транзиција, уставниот модел и решенијата за меѓуетничките конфликти. Овие трудови стигнале до тогашното дипломатското претставништво на Република Македонија во Мадрид. Оттаму ме запознаа со желбата на тогашната македонска влада за интензивирање на односите со Кралството Шпанија. Бев предложен да бидам почесен конзул на РМ во покраината Валенсија. И јас на драга волја прифатив!!! Оттогаш мојот интерес за Македонија и нејзиниот политички развој не престана да расте. Последниве години ја продолжив истражувачката работа и објавив нови трудови во врска со процесот на европска интеграција и пречките со кои се соочува Македонија, особено проблемот со името. Освен ова, ги продлабочив како професионалните, така и личните врски со вашата земја, вели тој.

Тој во интервјуто вели дека за пет години ја посетил Македонија три пати, од кои последниот пат бил на одмор со семејството. Го интересирале два елемента поврзани со македонската култура, византиската историјата и уметност поврзани со православната литургија и иконографија.

Хубериас имал и став за името

Во 2019 година Хуберис објавил своја колумна во весникот „Нова Македонија“ со наслов „ Името, идентитетот на народот па дури и јазикот се ставаат на милост и немилост на еден билатерален договор!“ во кој го критикува Преспанскиот договор.

Во колумната тој оценува дека „Преспанскиот договор што го потпишаа премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев на 17 јуни 2018 годинава за да се реши спорот за името на Македонија, дека ќе биде од многу краток рок“.

Осуден за сексистичко насилство

Психичко насилство врз поранешната сопруга и  21 прекршок на принуда, навреди и неправедно вознемирување. Тоа е делото за кое најпрвин Кривичниот суд бр. 7 во Валенсија, а подоцна, по претходна жалба на обвинетиот, Провинцискиот суд на Валенсија, го осуди Јуберијас на една година затвор во 2002 година.
Во пресудата на Покраинскиот суд, со која се ратификува онаа што беше донесена во прв степен, се смета дека е докажано дека тој ja прогонувал својaта поранешенa партнерка, од кој се развел една година претходно се додека во 21 наврат и дека не само нејзе ја навредувал и се заканувал, туку и на нејзиниот татко и дека тоа го направил пред очите на трите деца кои ги имала двојката.
Она што е скандалозно за изборите во Валенсија во 2023 година, не било скандалозно за Груевски во 2008 што титулата почесен конзул ја доделил токму на Хубериас.

Што значи да си почесен конзул

Во истражувачката сторија на ИРЛ, „Дипломати во сенка“ се вели дека ProPublica и ICIJ открија дека осудени трговци со дрога, убијци, сексуални престапници и измамници биле назначувани за почесни конзули од страна на најразлични држави во светот, меѓу кои и од Северна Македонија. Меѓу нив и трговците со оружје и оние кои работеле за интересите на Северна Кореја, Сирија и другите корумпирани влади.

Системот на почесни конзули беше востановен пред десетици векови како спас за земјите кои не можеа да си дозволат странски амбасади и оттогаш се прошири во меѓународните односи и е прифатен од мнозинството влади во светот. За разлика од амбасадорите и другите професионални емисари, конзулите работат од нивните матични земји, потпирајќи се на врските и моќта за да ги промовираат интересите на странските влади што ги назначуваат. Во замена, конзулите влегуваат во возвишениот свет на дипломатијата и добиваат некои од истите заштити и поволности што им се обезбедуваат на дипломатите од кариера.

Според меѓународен договор, нивните архиви и кореспонденција не можат да бидат запленети. Нивните конзуларни „торбички“ – ќеси, кутии и транспортни контејнери од која било тежина и големина – се заштитени од претреси.Триесет почесни конзули се санкционирани од Соединетите Американски Држави и други влади, од кои 17 во моментот кога ја имале титулата Почесен конзул. Некои од нив беа членови на потесниот круг на претседателот Владимир Путин, ставени на црната листа откако Русија ја нападна Украина оваа година. Девет почесни конзули идентификувани од ProPublica и ICIJ се поврзани со терористички групи. Повеќето од нив беа поврзани со Хезболах, политичка партија и милитантна група во Либан, идентификувана од САД и други земји како терористичка организација.

„Хезболах сфати дека ако ги користат овие почесни конзули, тие можат неказнето да пренесуваат работи и никој никогаш нема да ги открие – едноставно имате дипломатскиот пасош“, вели Дејвид Ашер, поранешен висок советник во Министерството за одбрана на САД. За да се идентификуваат терористичките оперативци и другите почесни конзули обвинети за злоупотреби, ProPublica и ICIJ извршија увид во судски записи, официјални извештаи и медиумски архиви на шест континенти.Некои од идентификуваните конзули претходно биле обвинети за злоупотреби и сепак именувани на нивните дипломатски места. Мнозинството од конзулите беа разоткриени додека беа на нивните позиции.

Во Северна Македонија, разузнавачите откриле дека двајца конзули дозволиле нивните канцеларии да се користат како база за руска пропагандна операција чија цел била да се спречи зачленувањето на земјата во НАТО. И двајцата конзули негираа дека биле инволвирани во такви операции. Откако биле обвинети, некои конзули се обиделе преку лажни тврдења и широк правен имунитет да ги спречат полицијата и обвинителството да спроведат истраги. Дел од овие обиди беа успешни и истраги никогаш не беа отворени.

Соња Танеска

АКТУЕЛНО