Двата огласи за добивање ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди во домаќинствата, како и за лицата што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија за 2024 година беа затворени во февруари, но комисиите при Министерството за економија поради големиот број пристигнати апликации уште вршат проверки на документацијата, по што ќе бидат јавно објавени добитниците.
-Во моментот, комисиите за реализација на постапките за двата огласи работат интензивно на прегледување на доставените барања, со оглед на големиот број пристигнати апликации во Министерството за економија. Во меѓувреме, Министерството за економија, по службена должност, врши проверки и со Министерството за труд и социјала, Управата за јавни приходи и ЕЛЕМ Енергетика. Откако ќе биде комплетна проверката, Министерството за економија ќе ги објави листите на барателите кои го оствариле правото на доделување на потврда-ваучер и ќе отпочне со издавање на ваучерите, велат од Министерството за економија за Градска.мк
Оттаму додаваат дека на огласот кој не е за ранливи потрошувачи, барања доставиле вкупно 14.500 граѓани, а за огласот за ранливи потрошувачи аплицирале вкупно 4.305 баратели.
Двата јавни огласи беа објавени на веб-страницата на Министерството за економија на 1 февруари 2024 година.
Согласно програмата за поттикнување енергетска ефикасност на домаќинствата за 2024 година предвидени се 210.000.000 денари, а за доделување ваучери за инвертер клима-уреди согласно програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2024 година во буџетот на Министерството за економија се предвидени 45.000.000 денари.
Односно вкупно за доделување ваучери за инвертер клима-уреди предвидени се 255.000.000 денари или 4,1 милиони евра по сите категории во двата јавни повика.
Согласно Јавниот оглас за стекнување со финансиска поддршка преку доделување на потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди за лица кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија за 2024 година, беа предвидени ваучери за инвертер клима уреди од 27.000 денари за лицата со ниски примања за самец (вкупни приходи до 21.000 денари), домаќинство со два члена (вкупни приходи од 30.000) и домаќинство со три члена (вкупни приходи од 35.000 денари), а ваучер од 30.000 денари беше предвиден за лицата со ниски примања за домаќинство со четири члена (вкупен приход од 40.000 денари) и домаќинство со пет члена и повеќе (вкупен приход од 45.000 денари).
Согласно Јавниот оглас за доделување на потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди во домаќинствата за 2024, ваучер во вредност од 25.0000 денари по домаќинство, беше предвиден за домаќинствата кои живеат на територијата на општините на Пелагонискиот регион (Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени) и Југо-Западниот регион (Вевчани, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа), за што се предвидени вкупно 100 милиони денари (1,62 милиони евра). Додека ваучер од 23.000 денари беше предвиден за домаќжинствата во останатата територија на Република Северна Македонија, односно во Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот регион“, се истакнува во информацијата од Министерството за економија.
С.Т