Косовскиот главен град Приштина нуди по 50 евра месечно на граѓаните кои ќе вдомат улично куче.
Откако пред два дена во центарот на градот улични кучиња искасаа двегодишно дете по лицето, градоначалникот Перпарим Рама одлучи да започне акција за отстранување на кучињата скитници од улица и нивно испраќање во прифатилишта со лиценца од косовската Агенција за ветеринарство и храна (АВУК), каде што ќе бидат соодветно третирани и потоа подготвени за посвојување. Еден граѓанин може да земе 5 кучиња.
Почетокот на оваа акција го следеа и директорот за безбедност и вонредна состојба, Лулзим Фуштица и неколку општински советници.
„Оваа активност ќе продолжи и во следните неколку дена. Целта е кучињата да се извлечат од улица и да влезат во прифатилиште лиценцирано од АВУК, каде што ќе се третираат хумано, а општината ќе продолжи да го субвенционира прифатилиштето за кучињата што ќе ги чува, каде што ќе ги подготвиме и за посвојување“, се цитира Фуштица во соопштението на општина Приштина.
Приштина презема бројни акции за лекување на кучињата скитници, за што досега се предвидени 1 милион и 300 илјади евра. И во Македонија постојано во билтенот на полицијата има пријави за каснувања од куче.