Search
Search

Колку Југословени живеат во поранешните републики на СФРЈ?

СФРЈ не постои повеќе од три децении, но не исчезнаа луѓето кои мислат дека „некогаш било подобро“ и се декларираат како Југословени.

Колкумина сѐ уште се декларираат како Југословени во поранешните републики на СФРЈ?

Црна Гора

Според податоците на Црногорскиот институт за статистика, бројот на Југословени во Црна Гора со текот на годините се намалувал.

Во Црна Гора во 1981 година имало 31.243 Југословени, а во 1991 година 26.159.

Бројот на оние кои се декларираат како Југословени драстично се намали во 2003 година – 1.860, а во 2011 година – 1.154.

Словенија

Според податоците на словенечкиот Завод за статистика, во 1971 година имало 6.616 лица кои се изјасниле како Југословени.

Десет години подоцна бројот на Југословени се зголемил – 25.615, а од 1991 година повторно се намалува – 12.075, а во 2002 година во Словенија како Југословени се изјасниле само 527 граѓани.

Македонија

Во Македонија, според податоците на Заводот за статистика, во 2021 година 344 лица се изјасниле за Југословени.

Босна и Херцеговина

Според податоците од последните три пописи, одржани во 1981, 1991 и 2013 година, пад на бројот на граѓани кои се изјаснуваат како Југословени се забележува и во БиХ.

На пописот од 1981 година, од вкупно 4.193.369 жители на Босна и Херцеговина, 333.468 или 7,95 отсто се изјасниле како Југословени. Десет години подоцна, во 1991 година, тој број изнесува 5,54 отсто од вкупното население од 4.377.033 или 242.682 граѓани.

На последниот попис одржан во 2013 година, од вкупно 3.531.159 жители на БиХ, 2.570 се изјасниле како Југословени, односно само 0,07 отсто.

Хрватска

Хрватска е меѓу ретките земји каде што бројот на оние кои се декларираат како Југословени се зголемува со текот на годините.

На пописот во Хрватска во 2001 година имало 176 граѓани кои се изјасниле како Југословени. Една деценија подоцна, во 2011 година, тој број се зголеми на 331.

Пописот одржан пред две години покажува дека 942 граѓани на Хрватска се изјасниле како Југословени.

Србија

Податоците од пописот одржан во Србија во 2022 година 27.143 граѓани на Србија се изјасниле како Југословени.

Во споредба со податоците од претходниот попис, одржан во 2011 година, бројот на Југословени е зголемен – во 2011 година имало 23.303. (Н1)

 

АКТУЕЛНО