На големата сцена во Македонската филхармонија, вечер, во 20:30 часот, во организација на платформата „За тебе“ за првпат ќе гостува „Хрватски гитарски квартет“ во состав: Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ.
„Со големо задоволство го најавуваме нашиот прв настап во Скопје. Нашата програма е идеална комбинација на познати дела од класичната музика до понови композиции претежно од хрватски автори. Некои од овие композиции се напишани само за нас за концертниот настап, а помеѓу другото, скопската публика ќе има можност да го слушне и познатото Фанданго од Луиџи Бокерини и неодамна компонираните Багатели од хрватскиот композитор Зоран Јураниќ, чиј втор став Онмаџо а Нино Рота сосема плени. Концертот ќе го завршиме со композиција на Астор Пјацола, што е големо задоволство и за нас што ја изведуваме, но и за сите што ќе имаат можност да ја слушнат. Бидејќи овој концерт е посветен на жената за крај од нашиот настап подготвивме и изненадување за сите дами. Со нетрпение го очекуваме Скопје и прекрасната акустика на салата во Македонската филхармонија, за која толку многу слушавме изминатиов период“, велат музичарите од Хрватски гитарски квартет.
Концертниот настап ќе биде посветен на жената, за нејзиниот синоним на духовноста, односно жената како гласот на мудроста, одмереноста, грациозноста, нежноста, стаменоста, храброста и истрајноста – жената како борец и хероина против неправдата, која исправено стои, борејќи се за социјални и општествени промени“, велат организаторите.
Гитарската четворка Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ го одржале својот прв заеднички концерт во 2016 година и оттогаш имаат отсвирено бројни турнеи низ Хрватска, Италија, Словенија, Чешка… вклучително и неколку премиерни изведби на дела од композитори како Викторија Чоп, Гордан Тудор и Зоран Јураниќ, како и настапи со Загрепските солисти и Вараждинскиот камерен оркестар.
„Хрватски гитарски квартет“ изведува дела од сите музички епохи, со посебен акцент на делата на хрватските композитори.
Извор: ВечерПрес