Хотелот „Бристол” кој се наоѓа во близина на Железничката станица е крстен според истоимениот ланец хотели. Семејството Караџа се доселило од Грција во Велес. На возраст од 12 години, односно во 1899 година, како најстар син на семејството Караџа, Ташко дошол да учи занает во Скопје и се вработил кај скопскиот трговец Петар Атанасов Чучукпетров каде што помагал во трговијата на големо. По некое време, Ташко во Скопје го повлекол и својот брат, а подоцна и сестрата.
Браќата Караџа заедно со зетот Андровиќ во 1912 година ја основале фирмата “Караџа, Андровиќ и Ко”, која постоела се до 1947 година. Ташко починал во Солун во 1931 година, а неговото место во фирмата го зазел син му Јован. Браќата Атанас и Ристо Караџа, кои биле ценети скопски трговци и угледни граѓани, го изградиле хотелот “Бристол” во 1924 год, во собите вовеле и телефонски приклучоци, имале гаража со капацитет за неколку автомобили.
Познатата англиска писателка и патописец Сисилија Изабел Ендрус, позната под псевдонимот Ребека Вест, неколкупати ја посетила Македонија и престојувала во Скопје во периодот меѓу двете војни. Нејзината книга “Црното јагне и сивиот сокол” се здобила со голема популарност и надвор од границите на Англија. На патувањата на Ребека Вест ја придружувал познатиот српски интелектуалец од еврејско потекло Станислав Винавер, кој во книгата се појавува под псевдонимот Константин. Ребека и Константин пристигнале во Скопје една пролетна квечерина во 1936 година. Помеѓу Ребека Вест и нејзиниот придружник Константин се развила врска која, се чини, била нешто повеќе од пријателство.
Токму со таа скопска љубов е поврзан и еден куриозитет, за кој знаат малкумина скопјани. Имено, во денешната бавча на хотелот “Бристол” постои еден огромен орев со прекрасна круна, која фрла дебела сенка во околината. Таа бавча на ресторанот и денес е една од најубавите во Скопје, токму поради стариот орев. А ресторанот го зачувал некогашниот боемски шмек, со специфичниот амбиент и кујна. Овој орев е, всушност, љубовен дар, плод на една љубовна врска. Спомен на скопската ноќ која писателката ја минала со нејзиниот придружник во хотелот “Бристол”. Засадувањето на оревот и романтичната љубовна приказна убаво се опишани од нашиот писател Петре Бакевски, во неговиот роман “Црно јагне, див Балкан”.
Македонскиот писател проф. д-р Александар Прокопиев На прашањето – Во “Зорба Гркот” Казанѕакис говори преку херојот Зорба: “Едно време ги делев луѓето на Бугари, Турци, Македонци и Грци, сега ги делам на добри и лоши. А еден ден и тоа нема да го правам, затоа што сите заминуваме во една иста почва”. Вашиот коментар?”, Прокопиев одговара: Точно така. Зорба Гркот е реален човек и погребан е во Скопје. Починал во хотелот “Бристол”. А хотелот го држеле мои роднини. Така што, Казанѕакис се инспирирал од жив човек. Казанѕакис исто бил многу неспокоен, темпераментен дух. И кога ќе се сретнел со Зорба, тоа било средба меѓу две сродни души”.
Извор: Skopje 3