Search
Search

Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ ќе настапи на фестивалот „Софиски музички недели“

Македонскиот камерен оркестар Профундис вечерва (7 јуни) ќе настапи на престижниот фестивал „Софиски музички недели“ (Sofia Music Weeks) во Бугарија. Овој фестивал на класичната музика, со традиција од 55 години, е познат по својата извонредна програма и високи уметнички стандарди.

По серијата успешни меѓународни гостувања на фестивалите Котор Арт, Раванелиус и гостувањата во Нови Сад, Белград и Италија, Профундис за првпат ќе има чест да се претстави пред публиката во Софија.

– „Многу сме возбудени и со задоволство ја прифативме поканата да настапиме на фестивалот „Софиски музички недели“. Вечерашниот концерт е посебен за нас, не само поради репертоарот, туку и поради можноста да споделиме музика со нашите пријатели и колеги од Бугарија. Верувам дека ова ќе биде незаборавна вечер за сите нас” – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.

На концертот, кој ќе се одржи во престижната сала „BIAD“ во центарот на Софија, ќе настапат македонскиот виолинист Климент Тодороски и бугарската басистка Маргарита Калчева. Тие ќе изведат Концерт за две виолини од Ј.С. Бах, во специјален аранжман за овие два инструменти. Покрај ова ремек-дело, на програмата ќе бидат изведени и дела од современиот македонски композитор Драган Шуплевски, англискиот композитор Густав Холст, бугарскиот композитор Димитар Христов, како и американскиот композитор Филип Глас.

Инаку, меѓународниот фестивал „Софија музички недели” е водечки бугарски фестивал за класична музика и танц. Основан во 1970 година, со досега 55 изданија, фестивалот претставува природна раскрсница на балканските, европските и светските познати уметници и композитори. Овој настан е мост помеѓу бугарската и светската култура, простор за премиери, современа уметност и иновации, како и мешавина со други жанрови како џез и фолклор. Во рамки на фестивалот секоја година се одржуваат над 50 настани.

АКТУЕЛНО