Посетата на британскиот крал Чарлс на Франција е одложена, по барање на францускиот претседател Емануел Макрон, соопшти британската влада.
Претседателската палата на Франција соопшти дека одлуката е донесена поради десеттиот ден од протестите, јавува телевизијата Би-Би-Си.
Патувањето во Париз и Бордо требаше да започне во недела, но Франција се соочи со некои од најжестоките судири во четвртокот од почетокот на протестите во јануари.
Британската кралска палата соопшти дека одложувањето на посетата е поради ситуацијата во Франција.
Британската влада додаде дека одлуката е донесена „со согласност на сите страни, бидејќи претседателот на Франција побара од британската влада да ја одложи посетата“.
Француската претседателска палата соопшти дека претседателот Макрон разговарал со кралот Чарлс во петокот наутро, додавајќи дека државната посета ќе биде презакажана што е можно поскоро.