На матурската парада 2023 која се одржа на плоштадот во Скопје, паралелно со одржувањето на истата манифестација во 50-тина други градови од Централна и Источна Европа, министерот за образование и наука Јетон Шаќири на матурантите им посака многу среќа и успех понатаму во животот, очекувајќи како што рече, сегашните генерации да бидат предводници на нови позитивни промени и на просперитетот на државата.
Честитајќи им го матурирањето, рече дека верува во младите и во нивната енергија која допрва треба да ја преточат во конкретни дела во своја и во корист на државата.
Точно напладне, по 14-ти пат матурантите од скопските училишта го одиграа Штраусовиот кадрил. Настанот е под покровителство на Град Скопје, а го организираат здружението Дирекција за култура и уметност на Скопје и танцовиот спортски клуб „Ритам плус“.
Истовремено, играа и матурантите во повеќе градови низ државата.
Овој настан традиционално се одржува секоја година, а го организира Дирекцијата за култура и уметност. Заедно со нашите матуранти, играа и нивни врсници од десетици градови во Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Словенија, Словачка, Турција, Унгарија и други.