Search
Search

Мицотакис и Мицкоски да преземат одговорност за спроведување на Договорот од Преспа, порачаа Заев и Ципрас

Им испратив јасна порака на премиерите на Грција и Северна Македонија, Мицотакис и Мицкоски да ја преземат одговорноста за целосно спроведување и почитување на Преспанскиот договор, вели поранешниот премиер Зоран Заев по вчера одржаниот прв дел од Меѓународна конференција за мир и одржлив развој во Атина во организација на „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Заев“. Истата порака ја искажа и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, кој со Заев , ги предводеа двете држави до постигнувањето на Договорот од Преспа. На конференцијата на дведеценискиот олеснувач во преговорите за името на нашата држава, Метју Нимиц, му беше врачена наградата за мир „Преспа“. Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш испрати видеопорака. Вечерва, на продолжението на конференцијата во Атина, се очекува присуство и на претседателката на Грција,  Катерина Сакеларопулу.

 
„Со неговата поддршка и посветеност изградивме меѓусебна соработка и дојдовме до решение не само за името, туку отворивме порта за соработка за двете земји за подобра иднина на нашите народи, но и за иднината на регионот. Му благодарам на амбасадорот Метју Нимиц кој ни помогна да стигнеме до решение кое денес е модел за решавање многу спорови. Нимиц ни порача да го чуваме и негуваме Преспанскиот договор и целосно да го имплементираме“, нагласија при доделувањето на наградата.

Придобивките од Договорот од Преспа, како за двете земји, така и за поширокиот регион, периодот на преговорите, спроведувањето и од Скопје и од Атина, ставовите на Нова демократија и ВМРО-ДПМНЕ, но и ЕУ перспективата на земјава, беа дел од темите во фокусот на двете одделни панел дискусиите на Конференцијата за мир и одржлив развој.

На едната панел-дискусија учествуваа поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев, а на другата медијаторот Метју Нимиц, и поранешните шефови на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Заев на присутните им ја раскажа старата легенда за Преспанското Езеро, приказната за заљубената девојката Преспа, коментирајќи дека наспроти легендата која е измислена, „нашиот договор е убава реалност“, а потоа нагласи:

„Најголемата награда е самиот мир“.

Во однос на актуелната ситуација и бранувањата во врска со Договорот од Преспа, Заев рече дека идниот премиер Мицкоски потврдува дека ќе го почитува договорот, дека името ќе го користи во писмена форма, но нема потврдено дека усно ќе го користи уставното име. Заев го повика Мицкоски да покаже лидерство  зашто, како што нагласи, без употреба на уставното име ќе го прекрши и Уставот на земјата и меѓународното право.

Од друга страна, за Мицотакис рече дека ако навистина го поддржува европскиот пат на Северна Македонија, за кој се бореше во минатото, тогаш да ги ратификува трите меморандуми, од кои едниот се однесува токму на ЕУ перспективата и истакна дека во суштина, во пракса се спроведуваат, но грчкиот премиер „не сака да ги стави на гласање“.

На меморандумите се осврна и Ципрас кој ја повика грчката Влада да ги ратификува, а во однос на тоа дали самиот договор предвидува гаранции во случај да не се почитува, објасни дека самите гаранции се веќе вклучени.

„Мудроста на договорот е дека суштинските гаранции уште од почеток се вклучени во самиот договор“, рече Ципрас и објасни дека првата гаранција е промената на Уставот, вториот е европската иднина, со која доаѓаат и европски средства, членството во НАТО, а последното е одредбата на САД, што предвидува санкции дури и индивидуални за оние кои нема да го почитуваат договорот.

Паралелно, тој изрази надеж дека Мицкоски како нов премиер ќе го почитува договорот и дека ќе се приспособи на реалност дека името на земјата е Северна Македонија.

Ципрас откри дека идејата договорот да се потпише во регионот на Преспа, била лично негова, бидејќи „Преспа е место кое беше синоним на граѓанската војна – синоним на војната и омразата, а сега, по договорот „Преспа нема да симболизира војна, туку мир“.

Поранешниот грчки премиер коментирајќи го моментумот за решение, рече дека била среќна можност двете држави тогаш да имаат прогресивни влади. Тој истакна дека ако не се решеше тогаш прашањето дека можеби и сега ќе постоеја притисоци врз Грција за членство во НАТО под името Македонија.

Ципрас го потврди она што на претходниот панел го откри поранешниот шеф на грчката дипломатија дека го запознал Заев пред да стане премиер и му рекол дека кога ќе дојде на власт ќе го реши името, истакнувајќи дека пораката беше пратена преку Коѕијас.

За текот на преговорите говореа Нимиц, Димитров и Коѕијас, а медијаторот посочи дека поголемиот дел од неговата 20 годишна кариера ја посветил на тоа да ги слуша страните, а во пресрет на Договорот од Преспа најважен бил процесот, односно изградбата на довербата меѓу двете страни, истакна дека е компромис, а компромисите се тешки, но решението е важно и за двете земји и за целиот регион и упати повик до сите да го почитуваат.

На довербата меѓу двете страни се осврна и поранешниот шеф на дипломатијата, кој рече дека на почетокот на разговорите акцентот бил ставен на тоа „да се изгради доверба и да влезеш во чевлите на другиот, да ги земеш предвид проблемите околностите на другата страна“.

„Договорот од Преспа е вин-вин и за Грција за Северна Македонија, но и за Балканот, за Европа и за новите генерации, истакна Димитров, посочувајќи дека двете страни во моментов не смеат да се впуштат во „игра на меѓусебни обвинувања“ со оглед на тоа дека „сега за прв пат имаме две политички сили во двете земји кои го критикуваа договорот“.

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас Договорот од Преспа го спореди со бебе на кое му е потребна грижа, а упати критики до актуелната грчка Влада дека не ја продолжи „позитивната агенда на Преспа“, дека Мицотакис пет години колку што е на власт не го посети Скопје, немаше средба меѓу владите, немаше соработки меѓу министерствата, меѓу граѓанскиот сектор.

Критики упати и до Европската Унија велејќи дека „не беше праведна со оваа земја“.

„Решението е лесно, грчката Влада да ѝ каже на бугарската Влада дека нема да гласаат за влез во Шенген зоната, ако не го тргне ветото за Северна Македонија“, истакна Коѕијас.

Додаде дека со отворање на европскиот пат на Северна Македонија ќе се отвори патот за мир стабилност и безбедност во регионот, но и ЕУ перспектива за останатите земји од Западен Балкан.

На првиот ден од Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина во организација на „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Заев“, присутна беше речиси целата пратеничка група на СИРИЗА, членови и поддржувачи на партијата, а панелот на Заев и Ципрас го следеше и лидерот на партијата како и претставници на Нова левица и ПАСОК.

Вечерва, на завршниот панел најавено е дека ќе присуствува и претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу.

 

АКТУЕЛНО