Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Рим ќе учествува на министерскиот состанок за Западен Балкан, на покана од потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани.
Османи ќе има излагање на двете сесии на министерскиот состанок посветени на евроинтегративните процеси на државите од Западниот Балкан, а ќе се обрати и на конференцијата „Нови визии за Западниот Балкан: пристапувањето во ЕУ и регионална безбедност“, во ко-организација на Министерството за надворешни работи на Италија, Институтот за меѓународни работи од Рим и Опсерваторијата Балкан од Тренто.
-Министерскиот состанок за Западен Балкан ќе биде отворен од страна на потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани, а со свои излагања, покрај минситерот Османи, ќе се обратат и премиерот и актуелен министер за надворешни работи на Црна Гора и министрите за надворешни работи на Албанија, БиХ, Косово, Србија и Шведска, во својство на претседавач со ЕУ, посочуват од МНР.
На конференцијата „Нови визии за Западниот Балкан: пристапувањето во ЕУ и регионална безбедност”, покрај министрите за надворешни работи од државите во регионот, предвидено е да учествуваат и шведскиот министер за надворешни работи Тобиас Билстром, еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји, реномирани експерти и политички аналитичари од тинк-тенк институти од регионот, како и високи претставници на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС), Советот на регионална соработка, Секретаријатот на ОБСЕ и ЦЕФТА.
-Италијанската иницијатива за свикување министерски состанок посветен на процесот на пристапување на државите од Западден Балкан во ЕУ е во согласност со обновениот и засилен фокус на Италија кон регионот и има за цел да го реактуелизира и забрза процесот на евроинтеграција на државите од регионот, истовремено промовирајќи дијалог и соработка, се наведува во соопштението.