Вкупно 21 млади уметници, по седум од Франција, од Германија и од земјава, а под менторство на три реномирани уметници, Ема Попи, Дамјан Ив Род и Марина Сорокина – Сомари насликаа мурал во Градскиот парк во Скопје и помал мурал во Тетово.
Проектот насловен „Оставете нè во мир!“ го реализира Францускиот институт во Скопје, Гете институтот и здружението „Лоја“ од Тетово од 1 до 7 мај.
Целта на проектот е зајакнување на мултикултурниот дијалог меѓу младите од три земји, поттикнување на креативноста и слободното изразување кај младите, повик на мир и помирување преку уметноста.
Обуката на младите уметници се одвиваше на 2 и 3 мај во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје, во присуство на средношколци од гимназијата, кои заедно го осмислија муралот со пораки за мир во Украина и во светот. Сликањето на муралот се одвиваше вчера и во текот на денешниот ден.
Игор Бештел, директорот на Францускиот институт во Скопје денеска за време на сликањето на муралот изјави дека станува збор за заеднички француско-германски проект што е изграден заеднички, во чест на мирот, на помирувањето и во чест на слободата на изразување.
-Ние поканивме уметници од Франција, Германија и Украина со цел да работат со млади од Франција, Германија и Украина и од Македонија од Скопје и од Тетово да работат заедно на овој мурал. Им оставивме потполна слобода на изразување со цел да ја слават нашата заедничка иднина во Европа, рече Бештел.
Проектот е поддржан од Француско-германската канцеларија за млади и Француско-германскиот културен фонд, во рамките на програмата „Наша Европа, наша иднина“ и во чест на 60-та годишнина од потпишувањето на Елисејскиот договор. /МИА