Триесет и девет лица загинаа, а 29 се повредени во пожар во центар за задржување мигранти во северно Мексико, во близина на границата со САД, изјави неименуван претставник на Националниот институт за имиграција.
Снимка од местото на настанот покажува тела завиткани во сребрена фолија до зградата во градот Сиудад Хуарез. На местото на настанот може да се забележат и возила на брза помош, пожарникари.
Весникот „Диарио де Хуарез“, повикувајќи се на анонимни извори од Обвинителството во државата Чивава, објави дека вчера загинале 39 лица, а повредените се пренесени во четири болници.
Јавното обвинителство на Мексико отвори истрага за пожарот.
Сиудад Хуарез е главниот премин за влез на мигрантите во САД. Засолништата во градот се преполни со мигранти кои чекаат да ја поминат границата или со оние кои поднеле барање за азил во САД и чекаат да се завршат процедурите.