Централниот градски регион во периодот по Првата светска војна, со новиот регулациски план бил поделен на станични и гимназиски реони. Во овие региони биле изградени најубавите и најрепрезентативните градби во градот, но и најубавите приватни куќи.
Улицата „Крал Петар“ била пресечена од турските власти во 1911 година за минување на султанот Мехмед Рашид, го поврзувала плоштадот со Железничката станица и на неа се наоѓале најголем број хотели, дуќани, кафеани. Ристиќевата палата била изградена на самиот плоштад во 1925-1926 година, а околу неа биле палатите на Икономови и на Настеви.
Во 1871 година од Велес во Скопје се преселил Димитар Настев, кој се вработил во италијанската фирма „Алатини“ и купил куќа во Пајко Маало. Кога во 1884 година, по неколку умрени деца им се родил синот Стефан, на увото му ставиле обетка како амајлија, поради верувањето дека со неа детето ќе остане живо. Во 1922 година Стефан Настев, еден од основачите на Вардар банка побарал дозвола од властите да изгради повеќекатна куќа на десната страна на Вардар, спроти хотелот „Бели орао“. Палатата на Настеви била изградена по готов проект кој бил купен на едно патување на Стефан во Виена. Куќата била готова во 1924 година, на улицата „Крал Петар“ и имала четири ката, простор за дуќани во приземјето, како и скривница, што во тоа време било реткост во Скопје. Секој кат имал површина од 120 квадрати, а фасадата била украсена со орнаменти и статуи. Куќата имала сопствен санитарен јазол и бањи на сите катови, а имало и фрижидер што работел со помош на мраз. Во тоа време во Скопје имало 100 телефонски приклучоци, од кои три биле кај Настеви, еден дома и два во нивните фирми. Семејството Настеви поседувало и богато украсен пајтон. Во 1924 година за двете постари ќерки во семејството бил купен клавир, а приватни професори им држеле часови дома.
Шеќеринови
На улицата „Крал Петар“ се наоѓала куќата на браќата Шеќеринови. Во периодот кога се купувало или се градел голем имот, честопати тоа се правело ортачки. Ортачката куќа на Шеќеринови и Караџа била на местото „Корзо“. Таа имала визба, приземје со дуќани и два ката за живеење. Дуќаните се издавале под наем. Во 30-тите години на 20 век тука имало слаткарница „Европа“, една помала антикварница „Галиќ“, берберница и колонијален дуќан. На катовите имало по два апартмана за живеење, а секој од нив имал по пет простории, односно трпезарија, кујна и три одаи, од кои едната била гостинска, потоа спална и детска соба. Во секој апартман имало бања и нужник. Еден од браќата Шеќеринови бил оженет со скопјанката Надежда Тупарева. Надежда во 1929 година се свршила со Страхил Шеќеринов. Браќата Никола, Коце, Страхил и Борис Шеќеринови имале своја трговска фирма „Браќа Шеќеринови“, која тргувала со преработена кожа. Нивниот дуќан се наоѓал на местото каде што денес е стоковната куќа „Илинден“. Страхил и Надежда Шеќеринови имале една ќерка, Верица, родена во 1930 година.
Крангови
Во 20-тите години на 20 век во Скопје многу познато било семејството Крангови. Браќата Костаки и Ѓорѓи Крангови имале многу убави куќи и тоа една на улица „Серава“, каде што им била првата заедничка семејна куќа, а втората (на Ѓорѓи) се наоѓала на улицата „Св. Кирил и Методиј“. И двете куќи имале по два ката, а биле познати по бањите опремени со скапи плочки и санитарни уреди. Наемник по цел ден во визбата пумпал вода. Кујните, исто така, биле поплочени, а се готвело на ѕидани шпорети. Мебелот во куќата бил импозантен, а сјај му давале големите биљур-огледала. Во куќите имало слуги и готвачи, а за одгледување на децата се грижела дадилка.
Капиталот на Крангови секојдневно растел, а почнал да се зголемува и со трговијата со недвижности. Бил купен цел комплекс магацини и куќи на просторот до денешната стара Железничка станица, а, исто така и повеќе дуќани во Старата чаршија, меѓу кои најубав и најголем бил оној за текстил, на два ката, каде што работеле браќата.
Тие решиле да изградат палата која го носела нивното име. Првичните планови биле во Кранговата палата да биде сместена Поштата на Скопје. Палатата имала темели од два метра, што уште повеќе ја зголемувало цената и вредноста на градбата. Кранговата палата навистина била импозантна градба и била доволна за убав живот, но Крангови се зафатиле со текстилно производство и со својот капитал целосно ја реновирале фабриката „Земун“. Можеби поради вложувањето на капиталот во оваа фабрика, почнала да попушта економската моќ на Крангови. За тоа придонела и големата кражба во која бил украден целиот семеен накит од домот на Ѓорѓи. Но, сепак, Крангови и палатата биле и останале гордост на Скопје.