Македонија има голем број села, кои изобилуваат со природни убавини, но и споменици на едно минато време.
Во тој пејсаж се надополнуваат густата дабова шума и ридовите на Плакенска планина, врвовите на Илинска Планина и Бигла, пасторален живот исполнет со задоволства што ги дава природата, се уште далеку од цивилизацијата.
Такво е демирхисарското село Слошетица, кое е родно место на нашиот книжевен великан Петре М. Андреевски, но и дом на далеку прочуените „Валајци“ кои биле спас за секоја домаќинка во минатото.
Валавиците на Бела Река музеј под отворено небо
Слоештица е село вгнездено во југозападниот дел на Демир Хисар од десната страна на Црна Река. Ридско село испреплетено со многу реки, извори, потоци.
Во 1905 година во селото живееле преку 700 жители, со последниот попис во 2002 221, за денеска Слоештица да брои околу деведесеттина мештани, претежно старци, но има и помлади и неколку деца, ученици во подрачното основно училиште „Браќа Миладиновци“.
Стевче Митревски сопственик на гостилницата „На валајци“, родум од ова село за „Зелена берза“ ја раскажува приказната за валавиците, за водениците, за животот некогаш и сега. Неговата гостилница е во традиционален македонски стил, изградена од каменсо широк трем кој ви нуди поглед на три страни, а внатре со впечатливо огниште изградено со камени плочи кое не само што ќе ви го стопли телото, туку и душата. Тремот од задната страна се надополнува во тој природен амбиент на валавиците и ткаените веленца или ако сакате музејот под отворено небо, кој сведочи за занаетите, за богатството на овој народ, за валавичарите што неуморно и со децении го одржувале пулсот на овој стар занает.
Во Слоештица во 19 век, по текот на Бела Река биле поставени валавици и воденици, од најгорниот делвикан Бавчите, па се до под црквата. Кон средината на 20 век, полека се напуштале и сега е останата единствено воденицата на семејството Јанкуловци која била во функција до пред петнаесеттина години. Валавиците, пак,за првпат датираат од пред Втората светска војна, но оние што се уште опстојуваат се изградени во поново време во 70-те години на минатиот век,и тоа од тогашната земјоделска задруга „Топлица“. Задругата функционираладо крајот на осумдесеттите години.
-Во селото имаше триесет валавици, или вирови за валање на јамболии. Валањето се праваше за ресата од ткаената јамболија да се развласи и да се стегне. Мештаните откако ќе ја истрижеа волната ја переа, ја предеа на фурка, танко за основа и подебело за нишките. Ја ставаа на разбој, а претходно требаше да се „сној“, сите конци да се дотераат под ред, да се наместат на разбојот. Како деца заедно со мајка ми седнувавме на разбојот. Во ткаењето влакното на јамболијата се засукуваше, и лабаво се ткаеше, зошто со разбојот не можеше да се стегне предивото. Откако сето ова ќе се направеше после јамболијата се носеше на валавици или како што ние ги викаме валајци. Едно веленце се валаше 24 часа, значи едно деноноќие водата ја „тепаше“ јамболијата.Водата што тече од буката ја подземаше јамболијата и ја вртеше.Тоа е всушност валањето, вртењето, раскажува Митревски, присетувајќи се на детството.
Во една валавица се ставале по два до три дифтици, ако тие биле големи, сошиени, тогаш се отшивале, се ваделе полите, се валале и пак се зашивале, со цел валањето да биде поефикасно.Потоа се сушеле, одамна тоа се правело и врз дрва,„драгој“ ги ставале. Како последна постапка се носеле на бојадисување.
-На ова место каде што е сега ресторанот имаше бојаџилница, три бакарни казани и овде се бојадисуваа јамболиите во различни бои, црвени, портокалови, жолти… До 1991-92 година, оваа бојаџилница функционираше. Овој објект едно време беше во сопственост на текстилниот гигант „Битолатекс“ и се правеа месечно до 1500 јамболии или дифтици. Ова место беше разрушено, јас го обновив и сега е гостилница „На валајци“,раскажува Митревски.
Задругарите од Слоештица ткаеле персиски килими
Задругарите, правелеи ковачки ќумур, сечеле дрва, а имале и ткајачница за персиски килими.
-Во селото се изработуваа персиски килими, во задругата работеа околу 30 жени кои ткаеја. Килимите се ткаеја, се потстрижуваа и не се валаа, а се продаваа на пазарите во поранешна Југославија и во Германија. Но задругарите имаа задача да направат и валавици за валање на јамболиите,раскажува Митревски и се присетува со носталгија дека „сега во селото веќе никој не вала, не ткае со волна, разбоите сите се растурени, искршени, изгорени,а порано во секоја куќа имало по еден разбој“.
-Валавици и воденици имаат неколку фамилии. Последно колку што паметам воденици имаа Трајановци, Јанкуловци, Богевци. Куќата каде е роден великанот Петре М.Андреевски, сеуште има воденица. Нивното старо презиме е Воденчаровци, јазот им поминува покрај куќата, вели Митревски.
„Славење на Пирејот“
Селото Слоештица е родното место на големиот писател, поет, раскажувач и драмски автор Петре М. Андреевски. Вечното почивалиште на Андреевски е на селските гробишта видливо покрај патот, а патоказ ве води до сокачето каде што е неговата родна куќа, покрај Бела Река. На ѕидот од белата трошна куќа е ставена спомен плоча.
Во селото Слоештица 13 години по ред се одржува манифестацијата „Славење на Пирејот“која го чествува ликот и делото на великанот Петре М. Андреевски.
„Сликата на Слоештица, сликата на нејзините предели и луѓе, на нејзината природа и на нејзините духовни блага, преку зборот на Петре Андреевски, го почнува својот пат низ светот, станува дел од заедничките европски вредности“.
Ова, меѓу другото, ќе го напише академик Влада Урошевиќ во беседата насловена „Слоештица- име за цел еден свет“.
Од плејадата истакнати личности родум од Слоештица од областа на културното живеење во нашата земја силен печат оставија и браќата Јордан Плевнеш- писател, Љубе Цветановски-поет, новинар и патописец, Владо Цветановски-режисер, како и синот на Петре М. Андреевски, уметникот Сергеј Андреевски. Лозата на културните дејци ја продолжуваат нивните потомци.
Во спомен собата на Петре М. Андреевски посетителите имаат можност да се запознаат со неговиот богат живот, детството, младоста, неговите пријатели, таленти.
Фото: Фејсбук – Центар за култура и рекреација „Еригон“
Таму се изложени трпезата кај што јадел, скутината, фурката и брдото од разбојот на неговата мајка Менка, кои ве носат директно во времето за кое зборува неговиот најпрочуен роман „Пиреј“.
Она што најмногу ги изненадува посетителите е фактот дека главниот лик во романот „Пиреј“, Велика, не бил измислен, туку вистинска личност.
фото: Фејсбук – Центар за култура и рекреација „Еригон“
Ако не ве привлекуваат музеите, тогаш сигурно ќе ве привлече чистиот воздух и недопрената природа на околината, која е идеална за викенд бегство.